Основното општинско училиште „Страшо Пинџур“ Мало Коњари, денеска слави 104 години од раѓањето на патронот, како и 64 години од постоењето на училиштетото. За патрониот празник, учениците подготвија богата културна програма на која го претставија животот и делото на народниот херој, Страшо Пинџур.
Ирена Кироска, директор на ООУ „Страшо Пинџур“, рече дека училиштето го карактеризира посебен дух и дека тоа е препознатливо по квалитетот на работата и образовните услуги.
– Низ ова училиште поминале и стекнале образование многу познати личности, кои оставиле траги во општественото живеење во општината и пошироко. А дека и понатаму продолжуваме со квалитетна работа, говорат остварените резултати во сферата на воспитно-образовниот процес, но и резултатите на учениците постигнати на општинско, регионално, државно и меѓународно ниво“, истакна Кироска во своето обраќање.
Програмата по повод патронот започна минатата недела со ликовна и креативна работилница, натпревар по англиски јазик, квиз на знаење, литературно читање и спортски активности на кои учество зедоа основни училишта од Општина Прилеп.
На свеченоста присуствуваше и градоначалникот Илија Јованоски, кој и во оваа пригода ја нагласи поддршката на Општина Прилеп во подобрување на условите за работа за децата и наставниот кадар.
Честитајќи им го патрониот празник, градоначалникот Јованоски на учениците им порача дека онака како што патронот на нивното училиште се борел во името на правдата и еднаквоста, и тие треба во истиот дух да учат и постигнуваат успеси во својот живот.
Во централното основно училиште „Страшо Пинџур“настава посетуваат 155 деца, во Мало Коњари до 9 то одделение и во подрачните училишта во Големо Коњари и Кадино село каде наставата се одвива до 5 то одделение.
Народниот херој Страхил Страшо Пинџур е роден на 3 март 1915 год. во селото Ваташа, кавадаречко.