11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Успение на Пресвета Богородица, еден од најзначајните празници посветени на Мајката Божја

Православната Црква на 28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста.
Од повеќето празници посветени на пресвета Богородица овој е еден од најзначајните. Затоа народот овој празник го нарекува уште и Голема Богородица.
Во македонските цркви и манастири можат да се сретнат прекрасни претстави на настанот што црквата го слави тој ден. Обично се наоѓаат над влезната западна врата на црквата. Инаку, самиот збор успение значи заспивање; поинаку кажано, не се слави смртта, туку вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта.
Се слави нејзиното заспивање, бидејќи таа не помина низ смртта како враќање на правот на правот. Веднаш по нејзината смрт таа е земена на небото во Христовите прегратки, вознесена е заедно со телото и станува прв и најголем застапник на луѓето пред Бога.
Се верува дека ако на Голема Богородица жените се напијат вода со ронка боја од иконата на Богородица, тоа ќе им помогне да излечат многу болести, како и неплодност. Не треба да се работи физичка работа, ниту пак да се работи во домот.
Именден на тој ден празнуваат: Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана…
Традиционално на овој ден, кој се слави во цела Македонија, во многу места низ Македонија има големи собири на кои народот и верниците ја слават Пресвета Богородица.
Голема Богородица или Успение на Света Богородица е денот на истоимениот Манастир Трескавец. Ова е едно од преданијата кое останало запишано и подготвено од Марко Китевски:
„Манастирот Трескаец, Св. Богородица, ет напраен на една од највисоките планиње околу Прилеп, од лева страна од кај што огрева сонцето (североисток).
Таа планина се викат Златоврв. Прикажуат стари оти на врвот од планината имало едно јаболко од злато што се гледало коа ќе огреело сонцето од сите страни, дури и од Солун.
На врвот од планината имат една плоча голема, луѓе да не можат да ја кренат. За да се качиш на Златоврвот јет многу страшно, чунки ќе се качуаш од камен на камен. На едно место имат една пропас, што треба да ја прерипаш, да кој-годе чоек немат такво срце за да прерипат. Откоа ќе го прерипаш тоа место, ќе поодиш уште малку и ќе појдиш близу под Златоврв.
Тамо требат да се јазиш по една спила прао угоре. Во спилата имат дупка, максус копана со глето од луѓе само за палците клаање, и така да се вкачиш на Златоврв. Откоа ќе се качат мнозина луѓе и да застанат на големата плоча малку да се занишкаат и ќе ватит да се нишкат плочата. Вистина јас сум се чудил кога сум се качил во детинството (сега со балон да ме качат таму не приимам, камоли пеш да одам).
Коа ќе доиш до стреде планината, имат една пештера. Во таа пештера имат посница. Од посникот што постил некоаш, имат една коска што ја целиваат којшто ќе појдат. Сета планина ет камениста. Во стредето имат една рамна рудина и на таа рудина ет напраен манастиро Трескаец. Се велит за тој манастир да ет напраен од илјада години горе и се прикажуат од стари оти некоаш живееле триста кауѓери. И прочуен бил од Белото Море до Црно.
Во тоа време, шетала некоја царица по светогорските манастири за да се исповедат и да се причестит. Арно ама нигде не можела да најт духовник како што барала таа. Така шетајќум по манастирите, за научила за манастирот Св. Богоројца од Прилеп и дошла на манастир со многу војска по неа. Кога ја виделе калуѓерите војската, се уплашиле да не идат да го пленат манастирот. Затвориле јако портите и при се што ’и моли со арно царицата за да отворат, не било возможно да отворат.
Кога виде царицата инаетот кауѓерски, заповедала на војската да прескочат преку порти и му влегла внатре. Се налутила царицата и сите калуѓери ’и заклала како јагниња во црквата стреде и си ошла од кај што си дошла. Повела Божја: од крвта кауѓерска оживеало еден ѕвер и заптисал манастирот. Ништо живо не припуштал нито во манастирот, нито околу манастирот. Многу годиње поминало што не можел чоек да се приберит околу манастиро. Многу му било жал на луѓето оти му бил запустен манастирот, ама немало што да чинат.
Кој кај одел, се Бога молел за Господ дев да ја сторит таја ѕверетина што заптисала тој златен манастир.
На ден Богоројца кога биле народот во Варош во црквичето Пречиста (здрава је и ден-денеска), у литургија чуле еден трескот голем од зад Маркуи кули и дури се исплашиле.
– Бре што је, како је, дали земња пукна, дали некоја спила падна од Златоврв? – си велеле луѓето.
Најпосле се научиле од овчари и од друзи оти в манастир трештило од ведрина и ровјата удрила над црква.
По неколку дни не можат да го видат ѕверот (некој ми прикажуал оти ламја била, а друг – гуштер) со крилја да летат од манастир надвор и да шетат, пакос да чинит.
Тогај како да му притекнало оти ет убиен ѕверот, та се престрашиле и се насобрале луѓе обружани, та му пошле в манастир и овде, онде – еве ти го ѕверот убиен стред црква, на коските од кауѓерите. Ошле, та раскажале и го отвориле манастирот, и до ден денешен ет отворен.
Во црквата имат една врата заѕидана и ми кажуеле оти некоаш цар влегол в црква, кога се венчал за цар и пак од таа врата излегол, та за тоа била заѕидана. Чунки кај што поминал цар, друг поп, или мирјанец, не даало закон да поминит.
Од Прилеп да одиш на м. Трескаец имат два саата близу до под планината манастирска, до село Дабница ќе одиш на рамно, помеѓу планињето. Оделево ет Маркој кули, а оддесно помеѓу планината Кукул, што сет заватени и двете планинки за Златоврвската Планина. Од с. Дабница после ќе одиш прао угоре по патот манастирцки токмо еден саат пеш.
Во м. Трескаец имат ферман султански со раката од пророк Муавмеда за ништо данок да не му се земат и никој Турчин да не го гибат. И за вистина, нашите Турци сет за повалуање на честа што му ја чинат на нашиот манастир. Еве остарев јас и не чув да сторит некој гибел голем на манастирот, нито пак на чивлизите манастирски.
А од некој работи што се праеја од еснавите, кога се врзуало тестирот на еснавите, кога беа наедно под еден устабашија, оделе тамо (според како што имат писано за тестирот) со казијата, со мувтијата, со војводата (во старо време во Прилеп војвода имало што повелал градот) на чело оделе на манастир. Чесно ќе седеле, и чесно ќе си оделе. Таа чес што му се давало од Прилепцки Турци на Трескаец верно ет за честа од вермано со раката од Муавмеда.

Би можело да ве интересира

Земјоделците да ги заштитат посевите и насадите, временските неприлики погодни за болести и штетници

Одбележан 11 мај Денот на сообраќајната култура во Прилеп – Заедно можеме да создадеме побезбеден сообраќај за сите!

Гордана Цветаноска

Витаминка донира товарно возило за ТППЕ Прилеп

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе