Денеска се навршија 26 години од смртта на Блаже Конески, еден од најистакнатите македонски културни дејци, академик, писател, врвен поет и научник, чие творечко истражување даде неодминливи резултати во македонската литератур,а во областа на културната историја на македонскиот народ.
По тој повод, делегација на Општина Прилеп и на општинскиот Совет положи цвеќе на неговиот споменик пред Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Блаже Конески е роден во село Небрегово, Прилепско, каде живее до својата осма година. потоа, целото семејство се сели во Прилеп и таму Конески учи основно училиште и нижа гимназија. Виши класови гимназија учи во Крагуевац, а студиите по славистика ги започнува во Белград и ги завршиува во Софија 1944 година. По ослободувањето доаѓа во Скопје и развива богата културна и научна дејност.
Како научник – славист, тој ги прави најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествува во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома).
Освен со научна, Конески се занимава со творечка, препејувачка, есеистичка и критичка дејност.
Во 1945 г. се појавува неговото прво поетско дело „Мостот“, со мотив од изградбата на земјата; 1948 г. збирката „Земјата и љубовта“ – песни со патриотски и борбени чувства, карактеристични за првата фаза на повоената македонска поезија; 1953 г. збирката „Песни“, каде се свртува кон себе, кон својата интима. Следуваат збирките: „Везилка“, циклусот „Стерна“, збирката раскази „Лозје“. Ги напишал и збирките песни: „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Цркви“, „Златоврв“, „Сеизмограф“, „Небесна река“ и „Црн овен“.
Конески беше почесен директор на неколку универзитети, а во негова чест, денес Филолошкиот факултет го носи името Блаже Конески.