Проширувањето на булеварот „Гоце Делчев“ ќе биде со по две коловозни ленти во двата правци, поставување на модерно осветлување и сообраќајна сигнализација. Реконструкцијата на булеварот опфаќа: од кружното кај споменикот Карпалак до Тинекс во должина од 560 метри, a на улицата „Прилепски бранители“ од раскрсницата кај стара градска кафеана до кружниот тек во должина од 280 метри. Вкупно ќе бидат издвоени 60.585.000 денари за таа намена од буџетот на општината. До крајот на летото треба да завршат градежните зафати.
– Булеварот ќе биде поделен во два дела со зелена преградна површина, со осветлување на средината. Од двете страни ќе има по две коловозни ленти во двата правци. На улицата „Прилепски бранители“ ќе има три коловозни ленти. Дрворедите ќе останат, освен неколку липи кои пречат во градежните зафати и исушените дрва. Ќе се реконструираат и тротоарите, а ќе се постават велосипедски патеки, како и тактилни плочки за непречено движење на лицата со попреченост на видот, потенцираше градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски.
На Булеварот Гоце Делчев нема да има паркинг простор, што ќе се решава со дополнителни паркинг места во близина на зградата на Општината со двокатна монтажна гаража која што е влезена во деталниот урбанистички план, и уште еден паркинг простор во централното градско подрачје.
– Целото постојно осветлување од левата и десната страна на булеварот ќе биде заменето со централно осветлување. Тактилните ленти, како и светлечките зебри за лицата со попреченост за прв пат се поставуваат во нашиот град, како модерна сообраќајна сигнализација, за поголема безбедност на пешаците рече Златко Талески, од фирмата изведувач Изофас Прилеп.
Реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“ и дел од улицата „Прилепски бранители“. е капитален проект за нов лик на централното градско јадро во Прилеп, кој што ќе биде прилагоден на барањата на прилепчани за побезбедни пешачки и велосипедски зони.