Ваквата одлука доаѓа по предлогот што синоќа го утврдил Управувачкиот комитет, највисоката инстанца во системот за управување со кризи во земјава, по препорака на епидемиолозите од Комисијата за заразни болести.
Иако за денеска беше најавена итна седница на Советот на Општина Прилеп со почеток во 12 часот, за официјално прифаќање на предлогот, седницата нема да се одржи. Со соопштение општинската прес служба информираше дека:
Врз основа на препораките на Министерството за здравство и на член 58, став 1, алинеја 4 од Закон за заштита на населението од заразни болести, „Службен весник на РМ“ бр.66/2004, 139/2008, 99/2009, 94/2010 и 86/2011, се откажуваат сите настани поврзани со Меѓународниот карневал „Прочка 2020“-Прилеп.
Претпладнево се очекува Владата да донесе одлука со која ќе препорача или дури и ќе забрани одржување масовни јавни собири во наредните денови. Епидемиолозите од Комисијата за заразни болести сметаат дека масовните собирања може да придонесат за ширење на вирусот.
Одлуката на Владата ќе се однесува на карневалите што викендов треба да се одржат во Струмица и во Прилеп, како и на спортските натпревари во следните денови.