Рекордни 53 нови случаи потврдени позитивни на Ковид – 19 во изминатото деноноќие во Македонија, при што вкупната бројка на дијагностицирани изнесува 483 лица. Од ново дијагностицираните во Прилеп се 2 нови случаи.
Општина Прилеп излезе со информација за состојбата со коронавирусот во општината за денеска, сабота 4-ти април. Како што се вели во известувањето еден од лекарите на Инфективното одделение е позитивен, а другот лекар е во самоизолација.
– Еден од лекарите во Инфективното одделение е позитивен на тестот за коронавирус, другиот лекар се наоѓа во самоизолација. Од понеделник, 6-ти април, Инфективното одделение ќе функционира согласно Оперативниот план за работа во услови на епидемија, односно пандемија и тогаш ќе биде утврдено дали постои потреба од дополнителен ангажман на медицински персонал од други одделенија во болницата. На Инфективното одделение во прилепската Општа болница „Борка Талески“ се наоѓаат три лица заразени со коронавирус и сите се со средна клиничка слика. Досега од коронавирусот се инфицирани 3 лица од здравствените институции во градот, вклучувајќи го и лекарот од ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар, се вели во известувањето од Општина Прилеп.
Инаку, во Општина Прилеп во самоизолација се наоѓаат 134 лица, во изминатите 24 часа сите ја почитувале оваа мерка, граѓаните го почитувале полицискиот час, не се забележани никакви прекршувања.
Дополнително еден од административните работници во компанијата „Гентерм“ е позитивен на тестот за коронавирус, заради што од понеделник, 6-ти април, фабриката ќе биде привремено затворена.
Со новите 2 позитивни случаи, во Прилеп заклучно со денеска се регистрирани 24 заразени од Ковид 19.