Во Oпштина Прилеп денеска, понеделник 27 април, се евидентирани два случаи на новозаболени од КОВИД-19, додека петмина граѓани се излекувани од оваа заразна болест, информираат од прес службата при општината.
На Инфективното одделение во прилепската Општа болница „Борка Талески“ хоспитализирани се 17 лица позитивни на коронавирус. Двајца од нив се на кислородна поддршка, останатите се со стабилна клиничка слика. Четворица пациенти се наоѓаат во делот на изолација. Од нив, двајца се негативни на коронавирус, задржани се заради примање терапија за подобрување на нивната општа здравствена состојба, а на другите двајца земен им е брис и се чекаат резултати;
Во самоизолација се наоѓаат 242 лица;Од Центарот за јавно здравје – Прилеп информираат дека досега од коронавирусот се излекувани 29 граѓани на општина Прилеп и еден од општина Крушево.
Во деновите од викендот забележани се 5 нарушувања на полицискиот час.
Во Општина Прилеп пристигна донацијата од Министерството за здравство од 32.000 заштитни маски, која ја дистрибуираше Дирекцијата за заштита и спасување.