Претставници од Стопанската комора за трговија и индустрија Сакариа, Турција денеска остварија средба со градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски, и го изразија својот интерес за отворање на претставништва и производни капацитети од лесна незагадувачка индустрија во Индустриската зона Новаци.
„Разговаравме со гостите од Турција за можностите за инвестирање во Општина Новаци. Му ја претставив нашата Индустриска зона во Новаци која всушност беше и мое предизборно ветување при што се договоривме до март да добиеме точни информации за потенцијалните инвеститори и од која област ќе бидат за да можеме да ги средуваме урбанистичките документации, да ја подготвуваме инфраструктурата и сл. “ рече Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци.
Гостите од Турција водат потекло од Македонија некои од Битола, од Прилеп, други од Дебар. Велат ги влечат корените и сакаат да направат нешто повеќе за Македонија, да го поттикнат локалниот економски развој на овие предели.
„Местоположбата на Општина Новаци ни е доста интереснa, особено близината со грчката граница, лесниот пристап до пристаништето во Солун, нешто што нас како инвеститори и бизнисмени кои сакаме производството да го прошириме кон Европа ни е многу важно. Сакаме да отвориме производни погони за земјоделски машини, каучук, пластични шишиња, железарија, контејнери за превоз, камп приколки и сл. индустрија која не загадува, за што, првично ќе ни се потребни парцели кои ќе зафаќаат околу 10 хектари. “ рече Ахмет Копрулуоглу, сопственик на компанија за каучук, трговија и рециклирање Атaлас Каучук.
Гостите најавија и можност за соработка и збратимување со Адапазари град кој брои 1,2 милион жители, како и посета и соработка со Црвената полумесечина.
„ Сакаме да ја прошириме нашата соработка и со Адапазари кој е град со милионско население, но сепак, има многу можности за соработка со Општина Новаци, а секако тоа истото може да се направи и со Црвената полумесечина во Анкара. “ рече Тансу Узин, советник на градоначалникот во Адапазар и сектор за финансиска контрола при Црвената полумесечина во Анкара.
Заинтересираните турски инвеститори упатија покана до градоначалникот Стевановски во периодот април – мај да ја посети нивната Стопанска Комора во која членуваат 6 000 фирми со 35 различни области на делување, и да oствари директна средба со потенцијалните инвеститори, а исто така да ја посети нивната индустриска зона Адапазари која се наоѓа во близина на Истанбул.