ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Одбележани 150 години од раѓањето на илинденскиот војвода Смиле Војданов

292

Известува: Гоце ПАНГОВСКИ

Во организација на македонската заедница на иселеници за прослава на Илинден, во рамките на 19. Илинденски фестивал кој започна на 31. јули 2022 г.  во црквата на МПЦ-ОА „Св. Ѓорѓи Кратовски“ во Детроит, Мичиген, САД, се одржа пикник и чествување за македонскиот револуционер и долгогодишен деец на македонското национално движење, илинденскиот војвода Смиле Војданов.

Чествувањето за Смиле Војданов е само продолжение на настаните што се организираат во негова чест по повод 150-годишнината од неговото раѓање и во организација на здружението „Заборавени Македонци“ со седиште во Париз, Франција кои започнаа на 1. февруари 2022 г. и преку Илинденското востание продолжуваат до истекот на оваа година.

Покрај стотиците Македонци што традиционално го прославуваат Илинден, на чествувањето во Детроит беа поканети и присуствуваа десетина директни потомци и подалечни роднини од семејството на војводата Смиле Војданов.

 

Чествувањето го отвори претседателот на црковната општина г. Александар Атанасовски, a  благослов и молитва до присутните упати отец Горан Трпчевски кој во пригодната реч потсети за значењето на најголемиот македонски национален празник – Илинден и честа која му ја укажуваме на охридскиот војвода Смиле Војданов.

Присутните ги поздрави и претставничката на здружението „Заборавени Македонци“ за САД, Ана Дукоска, која заедно со Гоце Панговски е дел од организаторите на целиот настан.

Во својот краток пригоден говор Дукоска ги подвлече основните и најважни податоци за животот и делото на војводата Смиле Војданов, а веднаш по неа зеде збор и Џудит Војданова- Григ, внука на Смиле Војданов, односно најстарата ќерка на Илија Војданов – најмалиот син на Смиле Војданов.

Џудит евоцираше лични спомени за нејзиниот дедо Смиле, притоа потсетувајќи се на еден есеј што нејзиниот татко Илија го пишувал за потребите на неговото образование, а се однесувал на Македонците и на некои од дејствијата што во заштита на своите соселани ги презел војводата Смиле Војданов при неговото директно учество во славното македонско Илинденско востание.

На Илинденскиот пикник и чествувањето на војводата Смиле Војданов присуствуваа неколку стотици Македонци од најразлични возрасти и тие поминаа во празнична атмосфера.

Претставниците на семејството Војданови беа срдечно пречекани и почестени со најразновидна македонска храна и пијалоци, како и македонска музика, со што се потсетија на деновите кога пред многу години присуствувале на слични македонски собири во Детроит и околината додека бил жив и војводата Смиле Војданов.

БИОГРАФСКИ ПРЕГЛЕД

Смиле Војданов (1872-1958) е илинденски војвода, македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација и долгогодишен деец во македонското национално движење во татковината и во иселеништвото. Роден на денешен ден (1. февруари) 1872 година во охридското село Лактиње (денес во општина Дебарца). Основното образование го започнал во родното село, а потоа отишол да учи во манастирот Св. Богородица Пречиста крај Кичево, каде станал ѓакон. Неколку години бил учител во с. Лактиње по што станал анџија во село Сливово. Во 1897-98 г. се запознал со дејноста на Македонската Револуционерна Организација (Внатрешната) и набргу станал нејзин заколнат член и агитатор.

Едно време бил четник во четата на својот соселанец Дејан Димитров, а потоа станал војвода на сопствена чета во охридскиот реон. Во летото 1903 година, по одржувањето на конгресот на Организацијата во с. Смилево, Војданов сведочи дека на едно собрание на војводите од охридскиот реон Христо Узунов им ја соопштил веста за конгресната одлука дека на 2. август, денот на Св. Илија: “ќе дигнеме востание за ослободување на нашата родна Македонија”.

По задушувањето на Илинденското востание, Смиле Војданов не се откажува од идејата за независна македонска држава. Својата борба ја продолжува во Северна Америка, каде долги години ќе дејствува меѓу македонските иселеници во САД и Канада.

Во куќата на Смиле Војданов во градот Понтијак, во државата Мичиген, во 1929 година е создадено првото независно македонско друштво.

По создавањето на повеќе вакви друштва во различни градови на САД, на 22. и 23. март 1930 во градот Толедо (Охајо) била одржана Првата конференција на македонските независни друштва. Тогаш Смиле Војданов е избран за Претседател на средишното раководно тело. На Првиот редовен конгрес за обединување на друштвата, од 24. до 26. тревен 1931 во Гери (Индијана), Смиле Војданов е избран за претседател на новосоздадениот Македонски Народен Сојуз.

По Втората светска војна го поздравува создавањето на македонската држава и се вклучува во континуирано испраќање на добротворна помош за татковината. Еден од иницијаторите и донаторите за изградба на Медицинскиот клинички центар во Скопје.

Починал на 4. март 1958 година и погребан е на гробиштата Пери Моунт Парк во Понтијак.

Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

error: