5.4 C
Прилеп
петок, 15 ноември, 2024
Пела Радио

Мирчески: годинешните 290 денари, вредат двојно помалку од ланските 200 денари!

По денешното излагање на премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Собранието, со реакција се јави Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија кои не се дел од Сојузот на земјоделски здруженија, овластениот претставник на тутунарите.

„Слушајќи ве денес како од говорница се фалите со ,,успесите“ кои вие како влада сте ги постигнале во земјоделието, човек не може а да не се запраша – дали вие зборувате за Македонија, или некоја друга земја бидејќи изгледа вие и земјоделците живеете во различни светови? А за она што од говорница го изјавивте за откупот на тутунот можеби и некој од граѓаните и ќе ви поверува, но верувајте тутунарите се крстат и чудат од ова што го зборувате.

Вие јавно тврдите дека како влада ќе испишете историја во тутунопроизводството, па можеби и сте во право, но таа историја ќе биде како вие успеавте најголемата традиционална култура, ТУТУНОТ во Македонија полека но сигурно да изумре по полињата. Кога веќе се фалите дека е постигната ,,историски“ највисока просечна откупна цена на тутунот од 290 денари редно е да кажете и дека производната цена на килограм тутун е 240 денари која исто така е највисока. Затоа Премиере, знаете ли според инфлацијата со која сме најлоши во Европа колку вредат денес тие ,,историски“ 290 денари со кои вие се фалите?! Двојно помалку од ланските 200 денари. Колку вредат во моментов 80 денари субвенција по килограм, сума проектирана во далечната 2017? Исто колку и 30 денари пред неколку години. Знаете ли дека тутунарите кои први го предадоа својот род се оштетени за повеќе од 1 евро по килограм? А тоа им беше целокупна заработка.

Премиере, ако вие навистина бевте за тутунарите зошто ги исфрливте од мерката „Зелена нафта“? Ако навистина бевте за тутунарите, зошто исплатата на субвенциите од март ја пропишавте до крај на декември? Ако навистина сте за тутунарите,еве ви шанса да ги поткренете цените по класи за оваа реколта, бидејќи самите се фалите дека ВИЕ сте ги поткренале цените за претходната реколта,значи имате моќ да го направите тоа а ако не го направите или сте против тутунарите да имаат повисоки откупни класи или ги лажевте дека вие сте ги поткренале цените на класите а не дека тоа било поради курсната разлика меѓу евро-долар. Затоа премиере, не треба вие сами да се фалите колку работите за нас тутунарите, тоа ние да ќе ви го кажеме!

И за крај почитуван премиере, со вашите историски 290 денари ние не можеме да ги платиме ни сметките, а камо ли да се спремаме за новата реколта, па ако и субвенцијата ја исплатите според вашиот план до декември дури тогаш ќе испишете историја, како 100 000 луѓе со една одлука на Влада стануваат социјални случаи,“ се вели во реакцијата на Мирчески по повод излагањето на премиерот Димитар Ковачевски на седницата на пратенички прашања во Собранието.

Би можело да ве интересира

Поради пандемијата сметководителите бараат одложување на роковите. Ако нема одговор ќе организираат протест

Елизабета Филипоска

Боево гаѓање: Леково забранета зона, вторник и четврток

Гордана Цветаноска

Заштитата на земјоделските посеви од град и годинава со авионско засејување

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе