ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Мало Коњари 9 години чека канализационен систем со функционална пречистителна станица!

395

Пречистилната станица, во непосредна близина на регионалниот пат Прилеп – Крушево, е единствената во прилепските села. Таа неколку месеци не функционира, а канализациониот систем, започнат со градба 2014 та година, сеуште нема технички прием од надлежното Министерство за транспорт и врски.

-Сакаме да се реши проблемот. Овде има амбуланта, фудбалско игралиште, голем проток на луѓе, деца играат. Стравотно е да се гледаат тие глетки. Ние остануваме со нерешен проблем. Кога ќе затопли, неподносливо е да се помине, а не да се живее. Станува како езерце, децата влегуваат и ги вадат топките, вели Слободан Дичоски.

Ако температурите се повисоки неподносливо е да се живее во близина на пречистителната станица, а и во зима реата се шири, вели Душан Ангелески.

-Извор на зараза. Учениците се тука, околу 300 ученици, не знам точно колку има во училиштето, фудбал се игра тука. Топката како е кога ќе влези во гомнаријата, јас да ги прашам горе што играат кошарка и фудбал по канцелариите што ги бираме, што ги трошат парите наши. Брука, 21 век! Европа, која Европа, прашува  револтирано Ангелески.

Претставникот од месната заедница Николче Кукуноски, претседател објаснува дека канализациската мрежа и пречистителната станица се пуштени во употреба од октомври 2021 година. Но, проблемот ескалирал откако се расипал моторот на пречистителната станица. Градена е по тендер на Министерството за транспорт и врски, а со изведувачот уште нема технички прием.

– Моментално се соочуваме со сериозен проблем, односно нефукционирање на пречистителната станица на канализационата мрежа. Од контакти со надлежните лица, односно правното лице кое беше изведувач на пречистителната станица, Министерство за транспорт и врски како објавувач на тендерот за изведување, прво ни беше посочено дека гаранција за пречистителната станица било 1 година, меѓутоа во контакт со министерството, гаранцијата од страна на изведувачот гаранцијата важела заклучно со месец март 2023 г. Пречистителната станица е пуштена во функција септември/октомври 2021 година, посочува Кукуноски.

Иако градежните работи започнаа во 2014 година за канализационата мрежа во Мало Коњари, надлежното комунално претпријатие овој систем го нема во своја надлежност. Директорот Игор Гулабоски е запознат со проблемот.

– Проблемот е помеѓу изведувачот и Министерството за транспорт и врски. Министерството активно комуницира со нас. Сега веќе мислам дека се отстранети сите тие проблеми кои ние не ги знаеме и се надевам за многу брзо ќе биде преземањето на ингеренциите. Прво техничкиот прием, па од Министерството на прилепската локална самоуправа која со одлука на Совет треба да ни ги предаде ингеренциите над канализациската мрежа и пречистителната станица. Жителите прашуваат и мислам дека за околу еден месец проблемите ќе се решат и ќе биде во функција. Има можност за приклучоци за сите, уверува Гулабоски.

Се слуша звукот на тракторите во Мало Коњари, земјоделците започнаа со работа за расадопроизводство на пиперка и тутун. Во селото има 3 откупни центри, од кои 2 за зеленчук, и 1 за тутун.  За сточарите пак нема застој во Мало Коњари секојдневно се предава квалитетно кравјо и овчко млеко за потребите на преработувачите. Иако традиционално ова село е познато по  производство на храна, никако да се реши проблемот со отпадните води и загадувањето на животната средина. Селото брои околу 200 домаќинства со 600 жители. На канализационата мрежа досега се вклучени само 60 домаќинства. По преземањето на канализациониот систем во владеење на општина Прилеп, надежта е дека ќе се реши проблемот за приклучоци кон мрежата за сите семејства, со функционален систем за пречистување на отпадните води кој што нема да ја загадува средината за живот и производство на земјоделски култури.

Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

error: