11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Прва самостојна изложба на прилепскиот уметник Славчо Павлоски во родниот град

Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ на 28 април, петок, од 19.00 часот ќе биде отворена изложбата „Материјалот и формата“ од уметникот Славчо Павлоски, поддржана од Министерството за култура. Павлоски прв пат во родниот град, во Прилеп, има своја самостојна изложба и прв пат има самостојно изложба како вајар. На прилепската ликовна публика ќе и понуди 15 дела изработени во мермер и дрво.

 

        За изложбата „МАТЕРИЈАЛОТ И ФОРМАТА“

 Славчо Павлоски е млад и перспективен ликовен уметник, кој со својата креативност и уметност е еден од најзабележаните и најпродуктивни млади македонски ликовни уметници. Тој е студент на Ликовната академија при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот вајарство во класата на професорот Гоце Наневски. Славчо Павлоски учествувал на голем број ликовни изложби, колонии, а се појавува како помошник и како зограф во повеќе цркви и манастири. Овој млад уметник е член на Здружението на ликовни уметници во Прилеп. Минатото лето во Нови Сад во културниот центар „Милош Црњански“ беше отворена неговата ликовна изложба „Инспирација“која ја сочинуваа 14 дела масло на платно.

– Целта на овие сериски дела е да ја истражам меката и тврдата форма во мермерот и дрвото.Овие два материјали, иако нивната форма е слична, на скулптурата и даваат различен визуелен ефект. Мермерот како поцврст материјал и како помалку шарен од дрвото, подобро ги истакнува меките прекршувања, а дрвото пак, со неговите шари и даги, додава една друга визуелизација, која ја разигрува формата и го оживува тој ефект,вели Павлоски.

Овие скулптури Павлоски сериски ги работеше бидејќи само така може да се дефинира подобро таа разлика меѓу меката и цврстата форма.

Со оваа изложба Павлоски внесува нови идеи и почнува свој нов уметнички израз. Моментно е студент кој на студентските изложби учествува со најмногу дела, а еве од денес и неговиот роден град  го доживува покрај како сликар и како вајар.

    Славчо Павлоски е роден на 15 септември 2001 година во Прилеп, Република Македонија. Студент на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на отсек вајарство, под менторство на проф. м-р Гоце Наневски. Средното образование го завршува во прилепската гимназија СОУ “Мирче Ацев”. Посебен придонес за неговиот развој како ликовен уметник има професорот по ликовна уметност, Александар Џинго. Пред студиите има учествувано на повеќе ликовни колонии и нивни изложби, меѓу кои и на ликовната колонија “Центар за современа ликовна уметност” во Прилеп и има работено како зограф во неколку цркви во Р. Македонија. За време на студиите има учествувано на неколку ликовни колонии меѓу кои и на ликовната колонија “Дрен” во Прилеп.

Првата самостојна изложба ја реализира како сликар во Нови Сад, Р. Србија. Член е на Друштвото на ликовни уметници- Прилеп.

Би можело да ве интересира

Активен пожар во атарот на с.Штавица

Пела Редакција

Функционерските плати идната година ќе скокнат за 300 до 500 евра

Пела Редакција

Стартува откупот на тутунот

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе