7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

ИЗЛОЖБА НА ДЕЛА ОД МЕЃУНАРОДНАТА ЛИКОВНА КОЛОНИЈА „ДРЕН 2023“

На 27 декември 2023 година /среда/ во 13.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп ќе биде отворена изложба на дела создадени на 15-то издание на Меѓународната ликовна колонија Дрен 2023, што ЦК „Марко Цепенков“ ја реализираше во јули со поддршка на Министерството за култура.

 

            За изложбата од м-р Викторија Димеска, историчар на уметност

Петнаесеттото издание на меѓународната ликовна колонија „ДРЕН“ се одржа во НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп во периодот од 17 до 23 јули 2023 година. На овогодишното издание на меѓународната ликовна колонија учествуваа дваесет академски уметници од земјава и од странство, односно сликари и скулптори, коишто твореа во многубројни сликарски и скулпторски техники и материјали: Александра Димитрова, Благојче Наумоски – Бане, Верче Николоска, Габриел Димитровски, Дамјан и Елена Ѓуров, Елче Димова Пантелиќ, Маја Ралева – Миладиновски, Маја Танева, Марјан Стојаноски, Методи Исков, Мирјана Крстева Масети, Павлина Боботанова, Славица Танеска, Славчо Павлоски, Стефан Анчевски, Тони Чатлески, Филип Јовески, Филип Перески и Филип Ристески.

Апстракциите на ликовната уметничка Александра Димитрова асоцираат на пејзажни предели од кои избликнува живописен колорит. Геометриските апстракции на академскиот уметник Благојче Наумоски – Бане се одликуваат со минималистички пристап на формите и меѓусебна динамична комуникација во апстрактните композиции. Асоцијативните апстракции на уметницата Верче Николоска изразуваат сложен и раскошен симболичен наратив. Во мермерните скулптури на Габриел Димитровски доминираат напречни засеци кои креираат контраст на текстурата врз површината на монолитниот камен. Дамјан и Елена Ѓуров ги истражуваат бесконечните можностите кои ги нуди симбиозата на мермерот и металот во скулптурата. Во асоцијативните апстрактни композиции на ликовната уметничка Елче Димова Пантелиќ преовладува контраст на формите, темен колорит и интензивни колоритни акценти, како и употребата на парчиња конци од различен материјал и боја, распоредени по должината и ширината на сликарското платно.

Маја Ралева – Миладиновски создава инсталации со богата комплексна семиотика со природни органски материјали и реди-мејд предмети. Маја Танева во своето творештво ја ослободува скулптурата од традиционалните сфаќања и со филигранска прецизност изработува асиметрични скулптури со пајажинеста разгранетост со челични индустриски жици (сајли). Слободните асоцијативни апстракции на уметникот Марјан Стојаноски се карактеризираат со моќен експресивен израз и динамична комуникација меѓу контурните линии и колоритните форми во сложените композициски содржини. Во апстрактните монохроматски композиции на Методи Исков изработени со сликарската техника – дрипинг, уметникот потполно го ослободува својот ликовен израз. Ликовната уметничка Мирјана Крстева Масети твори живописни асоцијативни и апстрактни композиции со имагинативен и раскошен метафоричен јазик.

Хармоничните асоцијативно-апстрактни композиции на уметничката Павлина Боботанова се одликуваат со раскошна тонска звучност и колоритен сензибилитет. Во живописните колоритни композиции со мотиви од борба со петли на ликовната уметничка Славица Танеска, ликовниот израз е динамичен и експресивен. Мермерните скулптури на Славчо Павлоски се инспирирани од разни предмети коишто припаѓаат на потрошувачката индустрија, а човекот ги консумира или употребува во своето секојдневие. Академскиот уметник Стефан Анчевски создава апстрактни композиции со минималистичка примена на бои (црни, сиви и кафеави), спонтан пристап во распоредувањето на елементите  во просторот и слободен ритам. Тони Чатлески создава живописни асоцијативни апстракции со сложена колоритна содржина и висока естетска чувствителност. Творештвото на уметникот Филип Јовески е инспирирано од натприродниот и магичен свет на митски суштества и антропоиди, притоа неговите композиции се одликуваат со контрастни тонови за амплификација на мистичниот амбиент. Скулпторот Филип Перески создава минималистички метални скулптури со извиени линеарни форми. Филип Ристески креира скулптури од монолитни мермерни блокови кои асоцираат на органски форми.

На петнаесеттото издание на меѓународната ликовна колонија „ДРЕН“ беа создадени триесетина уметнички дела. Од многубројното и разнообразно творештвото коешто го создадоа уметниците – сликари и скулптори, можат да се препознаат и дефинираат повеќе разни ликовни стилови: експресионизам, минимализам, асоцијативна и геометриска апстракција, како и фантастичен реализам.

Би можело да ве интересира

Движењето „Ние сме Македонија“со протести во повеќе градови во светот

Гордана Цветаноска

„Комуналците“ се пофалија со чистењето на Градската река

Гордана Цветаноска

ГРАФИЧАРИТЕ ОД ПРИЛЕП НАЈДОБРИ НА КОНКУРС ОД УЈП

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе