-0.9 C
Прилеп
сабота, 23 ноември, 2024
Пела Радио

Протест за да се прекине ископот на мермер за потребите на Бехтел и Енка кај Оревоец (ВИДЕО)

Во непосредна близина на пунктот кај Оревоец каде се врши транспорт на мермер за тампон за изградба на патиштата  во изведба на конзорциумот Бехтел и Енка и денеска од 8 часот нов протест на прилепчани, жители на Оревоец и сопственици на викендици. Велат дека нема да престанат со протест додека не престане ископот.

-Денеска се собравме да го блокираме патот и ќе продолжиме да го протестираме со блокада на работата на конзорциумот Бехтел и Енка. Од првата блокада наша до сега се извршени уште неколку минирања, а не е доставена сеуште никаква документација. Прилеп  ги има единствените 4 извори на вода за која од никого не зависиме се наоѓаат во пазувата на Бабуна планина, односно во пределот на селата Оревоец, Крстец и Плетвар. Тоа е најгорливото прашање за нас како прилепчани. Ни се загрозува едно егзистенционално прашање. Никакви активности за изградба на пат не се отпочнати. Ние колку што знаеме не е ниту експропријација на земјиште направена, а веќе се копаат нови рудници за тампон. За тампон можеме да им препорачаме да си земат на само километар од овде рудникот Сивец. А сите знаеме дека јаловината од тој рудник претставува голема еколошка опасност за град Прилеп. Ние сме решени да останеме овде секојдневно од 8 до 16 часот секој ден,“ се  вели Ѓорѓи Ѓорѓиоски член на Комитетот за заштита на природното и културното наследство на Македонија.

Според ЈП за државни патишта ископот на градежен камен за тампон за потребите во изградбата на патиштата од коридорите 10 и 8 ќе се врши токму од овој локалитет. Додека траеше протестот со блокадата камионите за транспорт не можеа да поминуваат.

„Причината за протестот е Бехтел и Енка што дојдоа тука на само 200 метри воздушна линија од селото Оревоец, направија спореден паралелен пат со нашиот пат, возат и по нашиот и по нивниот пат. Ни го искршија патот, значи ние сме загрозени во сообраќајот, полицијата ништо не презема, а немаат никакви дозволи. Си зеле некакви си приватни ниви на 5 години, на 10, си направиле сами пат, без никакво сообраќајно решение.

Втора работа ни минираат на 200 метри од куќите наши, некои куќи има и поблиску на 150 метри воздушна линија. Селово има детален урбанистички план и на влезот од селото од нивниот рудник исто околу 150 до 200 метри воздушна линија има предвидено детска градинка, училиште, амбуланта, зелени површини, паркови за деца. Не можат децата да бидат тука, тие да минираат на 150 – 200 метри. Концесијата му е земена на 20 години. Селото се развива. До пред 5 години селото имаше 5 жители, денес селото има 30 до 40 жители со тенденција на растење. Значи тие ја загрозуваат околината, водата почнува да течи матна, животните, змиите од планината слегоа долу в село бидејќи го расчистија теренот, ја исекоа шумата. Едноставно сме загрозени, чувствуваме загрозеност,“ вели Рубин Рујаноски, жител на селото Оревоец.

Со поддршка за протестот се приклучи и градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, кој што посочи дека ќе се бара институционално решение за проблемот.

– Не проблемот на концесионирањето, туку до начинот, бидејќи се загрозуваат основните животни услови за ова месно население. Вчера имавме еден поширок состанок со претставници од граѓаните кои јасно и гласно ги кажаа сите проблеми со кои се соочуваат овие неколку денови. Јас им давам целосна поддршка во име на локалната самоуправа, се разбира дека преземени се сите активности од Инспекторатот и она што треба да се испочитува со законската регулатива, очекуваме одговори, вели Јовчески.

Протестите и блокадите на жителите на Оревоец и на прилепчани продолжуваат и наредниве денови секој ден од 8 до 16 часот .

Би можело да ве интересира

Конституиран новиот Совет на општина Крушево

Јубилеен карневал Прочка 20 то издание, скромно и во духот на традицијата

„Утре можеш да бидеш и ти“ – протест на прилепските велосипедисти

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе