Од 24 ти до 26 јули од 18 до 20 часот ќе биде поставена изложбата „Ченто-биографија низ фотографија“ на платото пред Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ во Прилеп во организација на НУ Завод и музеј Прилеп. Автор на изложбата е Рубинчо Белчески историчар кустос советник.
„Да изразиме почит кон Ченто и кон сите кои се вградија во темелите на независна и самостојна Македонија. На 24 јули 1957 година почина Методија Андонов Ченто. Изминаа 67 години од смртта на првиот претседател на Презедиумот на Првото заседание на АСНОМ, голем борец, деец, политичар и визионер кој знаеше дека Македонија еден ден ќе стане независина и самостојна држава,“ информираат од НУ Завод и музеј Прилеп.
Изложбата „Ченто – биографија низ фотографија“ содржи 250 хронолошки подредени фотографии преку кои е претставен неговиот живот исполнет со голем број на активности, фотографии кои ,,зборуваат” за ,,животот на ЧЕНТО после смртта”. Изминатиот период изложбата беше поставена во 25 градови во Македонија, а интересот за неа не стивнува.
Во Прилеп поставката од фотографии ќе биде на отворено пред Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ местото од каде прилепските борци го започнале Народното востание на македонскиот народ, преку кое е стекната државноста на Македонија за која Ченто се бореше и ништо не можеше да го спречи во истрајноста да се дојде до целта.