Дворот на централното ООУ „Страшо Пинџур“ Мало Коњари од денеска е збогатен со спортска опрема – теретана на отворено, наменета за учениците и младите за рекреативно – спортските активности. Донацијата е резултат на соработката на Општина Прилеп, Младинскиот совет Прилеп со Амбасадата на Кралството Холандија и невладината Про Локал.
– Благодарение на холандскиот народ, бидејќи оваа донација е од нивните буџетски обврзници, локалната самоуправа и градоначалникот Борче Јовчески, како и неговата целокупна администрација, која што несебично изминативе 3 години комплетно се вложува во развојот и подобрување на условите за работа на нашето училиште. Ова е еден од најважните проекти за целокупниот регион кој што го опфаќа нашето училиште. Се разбира посебно им се заблагодарувам на луѓето од невладиниот сектор од Младинскиот совет Прилеп и Про Локал, рече Зоран Петрески, директор на ООУ „Страшо Пинџур“ Мало Коњари.
Проектот е заедничка соработка со младите од општината, наменет и за учениците и за младите.
– Про Локал работеше интензивно изминатите 3 години со уште 8 граѓански организации – партнери од цел регион да ги воспостави токму тие процеси, младите луѓе да научат дека само вклученост и само со нивно проактивно делување можат да направат позитивни промени во средините во кои што живеат. Партнери во проектот се и општините меѓу кои и Општина Прилеп која што трета година по ред е со нас и секогаш кога младите имаат иницијатива нешто да се направи и промени во местото каде што живеат дополнително кофинансираат и го поддржуваат. Денес славиме успешен пример на соработка меѓу младите и општината, посочи Емилија Ѓероска од Про Локал.
Дел од средствата за теретаната на отворено се обезбедени од проектот во висина од над 2 000 евра, додека остатокот од средствата во висина од над илјада евра, со дополнително вклучување на јавните претпријатија за подготовка на теренот се од Општина Прилеп.
Активноста како потпроект „Зајакнување на спортската инфраструктура во Мало Коњари“ се реализира во рамките на поголемиот проект „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ кој што е финансиран од програмата МАТРА од министерството за надворешни работи на Холандија и кој што покрај проектот во Мало Коњари поддржаа уште 8 низ целиот регион.