3.2 C
Прилеп
четврток, 16 јануари, 2025
Пела Радио

Создавам музика за да ги поврзувам луѓето

Интервју со Љупчо Трајаноски, виолист и виолинист од Прилеп кој живее во Естонија

 

 Што беше пресудно за вашата одлука да го продолжите животот и кариерата во Естонија? Како го доживеавте тој пресврт?

Преселбата во Естонија не беше само продолжување на истата патека – тоа беше прегратка на нов почеток. Одлуката ја донесов за време на глобалниот пресврт предизвикан од пандемијата на COVID-19, период кога адаптибилноста стана суштинска. Во тие моменти, беше јасно дека за да се опстане и напредува, потребно е да се преиспитаат приоритетите и да се прифатат дигиталните трансформации. Оваа нова средина ми понуди уникатна можност за креативно развивање и проекти кои ги истражуваат културните и иновативните аспекти на уметноста. Прогресивниот пристап на Естонија кон дигитализацијата, иновативноста и одржливоста ме мотивираше да размислувам поинаку и да применувам и стекнувам вештини  за можностите за личен и професионален развој и да ја проширам визијата за иднина.

Каде сте професионално ангажирани и колку Вашата професија Ви овозможува да уживате?

Професионално сум ангажиран во повеќе области. Како музичар: настапувам на концерти и други јавни настани. Како композитор, создавам оригинална музика за различни намени, вклучувајќи песни за изведба, маркетинг за компании, медиуми или специјални настани. Како продуцент креирам и снимам музика. Како наставникот одржувам часови или работилници.  Учестувам во креативни проекти, како кампови за пишување песни, хакатони или уметнички партнерства.

Моето професионално ангажирање опфаќа аудио брендирање за компании, продукција и компонирање песни, како и соработка со познати уметници, меѓу кои и Агнесе Раковска, истакната пејачка во Латвија. Во изминативите месеци работевме заедно на проект во рамките на програмата „Erasmus for Young Entrepreneurs“ во Рига, во креативната агенција Constellation (Соѕвездие). Оваа агенција се фокусира на медиуми, компонирање, продукција и видео, и ми овозможи да учествувам во иновативни проекти и да ја споделувам својата уметничка визија со поширока публика. Работата ми овозможува слобода да истражувам и создадам уникатни музички изрази, што е суштински дел од моето уметничко патување. Уживањето кое го носат патувањата, како и можноста да бидам дел од различни локации и културни ангажмани, ме инспирираа да се запишам на магистерски студии по културен менаџмент.

Често забележуваме ваши објави од концерти и настапи на социјалните мрежи. Исто така, имавте настап во Австралија. Кои настапи би ги издвоиле и зошто?

Австралија зазема посебно место во моето срце. Секој настап таму беше уникатно искуство, но еден момент особено ќе го издвојам – спонтано пребарував културни настани и налетав на отворен микрофон (open mic) настан, каде што секој може да настапи пред публика. Со виолата во раце, се претставив со импровизирана песна, и токму таа спонтаност отвори врати за незаборавни музички моменти. Двајца музичари ми пристапија и ме прашаа дали може да изведеме песна заедно. Во еден момент, човек од публиката побара да ја слушне само виолата, додека еден од гитаристите рече: „You are not going anywhere now.“ Таа вечер не беше само настап – беше размена на енергија што се претвори во целовечерна изведба. Ова искуство доведе до студиски сесии, импровизации и неколку заеднички настапи на Snowy Mountains. Тоа беа моменти исполнети со инспирација, соработка и креативни идеи со уметници од различни култури. Oвие  спонтани моменти се потсетник зошто создавам музика  – да поврзувам луѓе преку музиката и да ја доживеам автентичната убавина на споделувањето на звукот .

Работите и како наставник по виола и виолина. Колку е исполнувачка оваа активност за вас и дали младите Естонци имаат желба и амбиција да учат музички инструменти?

Ах, тоа прашање „Наставникот по виолина“! Секогаш ми буди една шармантна насмевка и ме потсетува на времето во Прилеп, кога ме знаеја како „наставникот  со дневникот и партитурите под рака, “ тоа беше стариот Љупчо, сега дневникот го заменив  со лаптоп, слушалки, и нови идеи.  Сега работам како независен , фриленс музичар и ментор на проекти, комбинирајќи традиционалната музичка педагогија со иновации, игри и технологии. На пример, не учам деца само да „држат правилно гудало,“ туку им покажувам како да направат ритам со тапкање на маса и како да го снимат и употребат тој звук во музички софтвер. Сите деца сакаат да експериментираат, а јас сум тука да им покажам како. Во Латвија, со пејачката Агнесе Раковска организиравме Хакатон за оригинални песни (Hackathon for Original Songs), каде ученици создаваа песни за само два часа. Имав чест да бидам дел од жирито и да сведочам како нивната креативност се претвора во нешто магично. Во Естонија, младите покажуваат огромен интерес за музика, но тоа често е насочено кон продукција, современи звуци, и учење преку игра. Традиционалното учење инструмент не секогаш ги привлекува, но кога ќе им покажете како музиката може да биде забавна и иновација, тие брзо се вклучуваат. Мојата улога како ментор  ја гледам како патување. Најинтересно е тоа што во секое дете се гледам себеси, ja чувствувам истата љубов и страст за музика  – само што тие имаат повеќе алатки, а јас сум тука да им покажам како да ги користат. Наставата за виолина и виола не е само процес на учење; тоа е спој на креативност, страст и иднината на музиката.

 Какво место е Естонија за живеење и каков е интересот на граѓаните за музика и култура воопшто?

Естонија е место каде што навистина можеш да се изгубиш во нејзината природа и култура. Земја што ги спојува древните традиции со врвните иновации. Густите шуми, спокојните езера и драматичните крајбрежја нудат бескрајна инспирација. Зимата овде е посебно магична – има многу снег, а деновите се кратки, со рано стемнување што создава тивка и мистична атмосфера. Летото, од друга страна, е сосема различно – деновите речиси и не завршуваат, бидејќи ноќта останува светла. Често можеш да сведочиш природни феномени како поларната светлина (Аурора Бореалис), што е незаборавно доживување. Како човек кој ужива во зимските спортови, Естонија ми нуди одлични услови за скијање на алпски и нордиски патеки. Учествувањето  на натпревари овде е вистински адреналин и задоволство,  а моите скијачки успеси вклучуваат трки низ Финска, Шведска, Австрија и победа на трка во Перишер планините во Австралија.

 

На практично ниво, Естонија е неверојатно дигитализирана. Како општество без хартија, сè може да се организира брзо и лесно, од бизнис до административни процеси. Концептот за електронско државјанство  е фасцинантен – овозможува создавање компании, потпишување документи и договори  елекронски кои можат да се завршат дури и од  месечината,  што е доста  ефикасно за  водење на  бизнис.

Културно, Естонија има длабока почит кон уметноста. Естонците се прилично музикална и распеана нација .  Музиката, раскажувањето приказни и традициите, како што се иконскиот Dance & Song Festival ,  Viljandi Folk Festival го одразуваат нивното богато наследство и Од друга страна, современите уметници и нордиските фолк-бендови внесуваат свежина и иновации на сцената. Летото е исполнето со фестивали, концерти, надворешни настани,  и комични шоуа. Во зимата, пак, типично естонско доживување е сауната и скокањето во замрзнати езера – практика што освежува и тело и ум. Естонците се спортски настроени, независни мислители кои ја ценат автентичноста, личниот простор и трудот. Тие се како кокос – однадвор можеби изгледаат затворени, но ако вложиш време и искрено се поврзеш, ќе откриеш длабочина и топлина. Иако се резервирани, тие се длабоко промислени и повеќе изразуваат со дела отколку со зборови. Пријателствата во Естонија бараат трпение и доверба, но откако ќе се изградат, тие се искрени и цврсти. Животот и работата во Естонија ми овозможија да ги комбинирам моите македонски корени со оваа иновативна средина. Оваа мешавина на културно богатство, дигитален напредок и природна убавина ја прави Естонија место на контрасти и хармонија – совршена локација за личен и уметнички развој.

 

Кои три причини би Ве задржале во Естонија, а кои три би Ве вратиле во Македонија?

Често ми го поставуваат ова прашање, но сметам дека не се работи за избор каде да се задржам  – туку за следење на ритамот на моето срце, дух и ум. Верувам дека човекот не мора да биде  закотвен на едно место.  Отсекогаш сум сакал да патувам , Музиката ми ја  подари таа  привилегија   да доживувам различни култури, овозможувајќи ми да го вткајам моето патување во уметноста. Естонија ме инспирира со својата дивина, Нордиска култура ,  иновативен дух и совршениот спој на традицијата и технологијата. Но сепак, ќе издвојам неколку работи кои ја прават Македонија посебна за мене: топлите и сончеви денови, моето семејство кое секогаш ме поддржува, високите планини, овошјето и зеленчукот  и силната врска со моите блиски пријатели.

Тие ме потсетуваат на важноста на заедништвото, а со моето искуство и знаење сакам  и да придонесам за трансформација на уметничката сцена таму, и  би сакал да соработувам со македонски уметници и продуценти . Од друга страна, три работи што ми оставија впечаток во Естонија се: спокојот на нејзината природа, иновативноста во секојдневниот живот, и начинот на кој технологијата и традицијата се испреплетуваат за да создадат динамична, современа култура. Овие аспекти ме инспирираат да гледам на иднината со визија и отвореност, внесувајќи ги тие елементи во уметност. . Македонија, од друга страна, носи сурова, неискористена енергија која ја храни мојата креативност на поинаков начин. Двете места уникатно придонесуваат кон мојот идентитет како уметник, и го носам нивниот дух со себе каде и да одам.

 

Разговорот го водеше: Филип Димкоски

Фото: приватна архива

 

Би можело да ве интересира

Што содржи новиот број на списанието „Стремеж“?

Гордана Цветаноска

Семоќниот ЃУМБИР

Гордана Цветаноска

„ПРИЛЕПСКИ МЕЧКАРИ„ ГИ НАГРАДИЈА ЗА НЕГУВАЊЕ НА ТРАДИЦИЈАТА, А ТИЕ ГО ОДБЕЛЕЖАА И „ТРИМИР„ ЖЕНСКИ ПРАЗНИК, ПРАЗНИК НА АРМАСАНИТЕ ДЕВОЈКИ, АДЕТ ВЕКОВЕН ВО ПРИЛЕП!

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе