2.3 C
Прилеп
понеделник, 23 декември, 2024
Пела Радио

Господин ми одоговори на некои логични неодговорени прашања

  Борис Василески пред запишувањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје во класата  на проф. Златко Славенски, Василески има повеќегодишно искуство како член на драмското студио „Чин 4 сцена 5“ во рамки на Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп. 

Дипломирал со претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Гријиќ во продукција на Штрих, а истата година, по дипломирањето ја работи претставата „Стапица за глувци“ од Агата Кристи. 

Асистира како режисер на јубилејот 50 години постоење на Факултетот за драмски уметности – „Живот за еден сон“ во режија на Кренаре Невзати, Македонски Народен Театар (2019); работи како продуцент и асистент на режија во претставата „Only Artists Left Alive“ во режија на Мартин Кочовски, Народен Театар Битола (2022) и повторно асистира во претставата „Хамлет“ во режија на Бранко Брезовец (2023).

Со театарскиот режисер Борис Василески од Прилеп, разговаравме непосредно по премиерата и првите репризи на неговото најново режисерско остварување, претставата „По име Господин“ во продукција на НТ „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

Современ и млад македонски режисер се зафаќа со дело од современ германски автор. Како дојдовте до текстот и како почувствувавте  дека токму овој  текст треба да го поставите на сцена?

До текстот дојдов случајно додека читав разни германски драми, додека имам чувство дека самиот драмски текст би бил поблизок до новите генерации, бидејќи зборува за надворешниот (секојдневен) свет како за доста чуден, конфузен и нападен. Мислам дека и тој е интензитетот со кој младите го чувствуваат светот и неговата динамика. Сето тоа прави еден притисок и го принудува младиот човек да направи компромиси со самиот себе. Мислам дека и тоа е клучниот момент каде младите престануваат да бидат бунтовни. Исто така овој текст или ликот на Господин почна да ме потсетува на некои неодговорени логични прашања за како некои работи се перцепираат како сосема нормални денес. Тоа беа клучните точки зошто сакав Господин да го поставам денес. Додека почувствував дека треба да го работам кога се запрашав „Дали ако човек си ја најде своја слобода, без разлика што таа него му значи, може да се спаси од суровиот свет?“.

Беше ли тешко да се состави актерската екипа и да се изберат улогите?

Воопшто не, за талентот и професионалноста на секој од актерите нема потреба да коментирам, секој гледач може да забележите  со кој влог и уживање тие играат на сцената. Прилепскиот театар ја поседува таа главна состојка, дури таа ја има и  кај помладите невработени актери кои учествуваат во претставата. Во ваквиот тип на претстави една од поважните работи е да се состави екипа која несебично ќе знае да функционира меѓу себе и да се координира сама, бидејќи станува збор за актерска игра која има брзо темпо и многу промени. Само Димитар Ѓорѓиевски кој го игра Господин поседува еден лик, кој нон стоп се наоѓа на сцена, додека останатите (Даниела Иваноска, Михајло Миленскоски, Наталија Ристеска и Дарко Карбески) играат по неколку ликови, наратори на дејствието и како разни појави. Тоа не е воопшто едноставно бидејќи имаат еден тон промени (и технички и во драмските простор и време), но успеавме да стигнеме до ниво каде што тоа функционира беспрекорно.

Велите дека текстот на Филип Лoле е тесно врзан со современите случувања во поглед на доцнокапиталистичкиот начин на живот во свет каде парите диктираат речиси се. Раскажете ни малку повеќе за текстот и за претставата онолку колку да ја поттикнеме љубопитноста на љубителите на театарот?

Претставата раскажува приказна за еден човек кој што поседува лама во својот подрум. Тоа му е начин за како да се спротистави на капитализмот и да има доволно пари за да преживува. Се тоа оди по неговиот план се додека еден ден таа лама не му е одземена од организација за заштита на животни. Од тој момент „како порачани“ неговите најблиски луѓе одат кај него, еден по еден, и му бараат разни услуги и му прават притисоци. Така Господин, кој смета дека капитализмот е виновен поради себичните однесувања на сите нив, решава да се бори против капитализмот и да трага по неговата слобода.

Премиерата на „По име Господин“ се случи на 6 декември, а потоа следеа неколку репризи. Дали сте задоволни од премиерата на претставата?

Се разбира дека да, беше одиграна на стабилни нозе и со одлично темпо, за жал втората реприза ја пропуштив, а слушнав дека таа била најдобра. Претставата ќе расте со секое играње понатаму. Следни изведби може да се очекуваат на крајот од јануари или почетокот на февруари.

Што би кажале ако ја споредите новава „По име Господин“ со претходно режираната Ваша претстава „Стапица за глувци“?

Во многу работи не можам да ги споредам. Различни се во речиси се. „Стапица за глувци“ е повеќе една филмска претстава, водена од приказната и актерската веродостојност, додека „По име Господин“ е еклектична претстава, се базира на условност во театарскиот јазик, а е водена од игривоста, живоста на актерите и колку веруваат дури и во најмалите дејствија што ги прават.

Општеството е такво какво што е, и кај нас и во светот. Но кој е Вашиот животен стил и став, треба да се оди со главата в ѕид или мудро да се прескокнуваат препреките?

Оваа претстава се бави со потрагата по индивидуалната слобода во доцниот капитализам и мене ми е жал за тоа. Живееме време на тотален индивидуализам, доведени сме во ситуација каде секој е оставен сам на себе, а сите сме во истите проблеми. Така што очигледно секој човек треба сам да се избори за себе. Според тоа треба да се знае кога да се прескокне препреката, а кога да се удри со главата во ѕид. Господин е само еден радикален пример, често пати во претставата станува и антихерој наместо херој, баш поради неговата тврдоглавост. Во таа смисла, не очекувам никој да биде како Господин, бидејќи кој и да проба ќе заврши многу полошо од него. Претставата има за цел да ги отвори прашањата кои тој ги поставува. Општеството е такво секаде и за жал оние промени „од корен“ кои често знаат колоквијално да се најавуваат нема да ги дочека ниту последното родено бебе во моментов. Едноставно се уште не е измислено што доаѓа после овој систем, а нема ниту за брзо да се измисли. Поради тоа човек треба да се научи да функционира внатре во системот, но да ги носи хуманистичките вредности како примарни и во ниту еден случај да не заборава по малку да биде како Господин.

Се чини дека  имате творечки плодна  есен. Покрај што ја подготвувате новата претстава „По име Господин“, соработник-режисер сте  и во „Хамлет“ режирана од Бранко Брезовец. Кои се вашите други или следни професионални преокупации?

Веќе се прават припреми за наредната година каде што за прв пат ќе правам мој авторски проект, тоа значи претстава од нула (со помош на соработници, се разбира), во продукција на здружението Штрих. Исто така со Штрих припремаме платформа за независните театри од Западен Балкан, во чиј склоп ќе се одржи интернационален мини фестивал на независни претстави од регионот, како и други настани. Може да се очекува и уште една моја претстава во национална установа, во еден  град, во кој не сум работел до сега.

 

Разговорот го водеше: Филип Димкоски

 

Би можело да ве интересира

Што е најново од Пеце Ристески – Бици ?

Гордана Цветаноска

Александра Димитрова изложува во Прилеп

Пела Редакција

(ВИДЕО) Ликот на Стале Попов „излезе“ на мурал

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе