Сестрата на Тоше Проески – Дора, на социјалната мрежа ФБ сподели фотографија од фотографија од Тоше со црно срце и бела торта со ангелски крилја за нејзиниот брат кој денеска ќе го славеше 44 тиот роденден. Болката за нејзиниот непребол ја споделија илјадници пријатели и фанови на Тоше.
Овој 25 јануари е врежан во срцата на илјадници следбеници на делото на Тоше Проески во музиката, но и како голем хуманитарец, поддржувач на најмладите, на децата. Во 2004 година Тоше беше прогласен за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ.
Македонскиот Тоше музичката кариера ја започна со настапот на фестивалот Мелфест во Прилеп во 1997, каде што и победи изведувајќи ја песната Yesterday од Битлси. Истата година тој ги промовираше песните Пушти ме (1997) и Остани до крај(1998). По изведбата на песната Твоите бакнежи на моите бели кошули на Скопскиот фестивал во 1999 година започна подемот на неговата музичка кариера. Имаше блиска соработка со Џеф Бек, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Phoebus, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори.
Тоше Проески важеше за еден од најпопуларните и најталентираните пејачи на нашите простори, а животот го загуби на 26 години во страшна несреќа во Хрватска на автопатот Брегана – Липовац на 16 октомври 2007 година.