-1.1 C
Прилеп
петок, 21 февруари, 2025
Пела Радио

Македонија на крстопат: Интеграција или ново уценување?

Пишува Слободан Томиќ

Најновата анкета спроведена од Институтот за демократија „СОЦИЕТАС ЦИВИЛИС“ – Скопје во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ открива дека 62% од граѓаните поддржуваат пристапување кон Европската унија. Ова е прво зголемување на поддршката по четиригодишен пад. Но, зад овие бројки се крие далеку посложена слика – граѓаните на Македонија не се подготвени по секоја цена да ја прифатат уценувачката политика на Брисел и Софија.

Европска поддршка, но без уставни измени

Најконтроверзниот аспект на евроинтеграциите – уставните измени за внесување на Бугарите – е цврсто одбиен од граѓаните. Само 20% поддржуваат ваков чекор, додека исто толку сметаат дека преговорите треба да запрат или рамката да се промени. Ваквиот резултат е логична последица на двојните аршини на ЕУ, која од Македонија бара жртви без гаранции за напредок.

Интересно, поддршката за членство е најголема кај средната возраст (35-54 години), додека младите (до 24 години) гледаат кон Кина како алтернатива, а постарите (над 65 години) се свртуваат кон Русија. Ова ја покажува длабоката недоверба во искреноста на Западот.

Политичкиот раскол: ВМРО-ДПМНЕ ја зголемува поддршката за ЕУ, но останува против уставни промени

Анкетата открива дека поддршката за ЕУ расте и меѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, од 43% (2023) на 55% (2024). Сепак, тие се најголемите противници на уставните измени – само 4% ги поддржуваат, за разлика од 45-60% меѓу поддржувачите на СДСМ, ДУИ и ВРЕДИ.

Овој тренд покажува дека ВМРО-ДПМНЕ успеа да изгради поцврста евроинтегративна позиција, но без компромиси кои би го загрозиле македонскиот национален интерес. Пратеникот Антонио Милошоски потенцира дека Македонија нема да прави нови уставни промени без гаранции:

“Веќе еднаш го сменивме Уставот за името, а ЕУ не говори со еден глас. Не може Македонија повторно да биде жртва на нејасните политики на Брисел. Бараме гаранции од Брисел, Софија и Вашингтон.”

Американското влијание во слободен пад, Кина и Русија во подем

Посебно значаен е падот на перцепцијата за влијанието на САД – 20% помалку граѓани ја гледаат Америка како клучен фактор. Ова ја отсликува новата геополитичка реалност во која Вашингтон повеќе не е безалтернативен.

Од друга страна, се забележува раст на интересот за соработка со Кина и Русија. Ова е сигнал дека македонското општество бара нови можности, далеку од западниот диктат.

Анкетата ја потврдува дилемата пред која се наоѓа Македонија – дали да продолжи по патот на евроинтеграциите, знаејќи дека тоа значи нови услови и блокади, или да бара нови стратегиски партнери?

Граѓаните ја поддржуваат ЕУ, но не по секоја цена. Македонските политички лидери мораат да сфатат дека времето на бесконечни отстапки помина. Брисел ќе мора да ја покаже својата искреност, а не да бара нови жртви од Македонија.Во спротивно, македонскиот народ може да почне да бара алтернативи надвор од западниот курс – нешто што веќе почнува да се случува.

Европа нè лаже 20 години – колку уште понижувања треба да претрпиме?

Македонија веќе дваесет години чека на европскиот праг, исполнувајќи ги сите услови што ѝ се поставени. Го сменивме името, ги сменивме учебниците, ја избришавме историјата, ја урнавме економијата, а сега, од нас се бара да го смениме и Уставот – без никакви гаранции дека тоа ќе го забрза процесот.

  • Како може народот да им верува на тие што дваесет години му продаваат лаги?
  • Како да веруваме на Европа, кога токму таа не дозволи Македонија да зачекори напред, држејќи ја како заложник на една сосема малициозна бугарска политика?
  • Ова не е пат кон ЕУ, ова е пат кон бришење на македонскиот идентитет.

Американското влијание во слободен пад, народот гледа кон Исток

Анкетата покажува уште една клучна работа – перцепцијата за улогата на САД во Македонија доживува драстичен пад од 20% во споредба со минатата година. Ова е директен одраз на фрустрацијата кај народот, кој гледа дека Вашингтон, наместо да биде партнер, ја турка земјата во поголема политичка нестабилност и нови уцени.

Но,сега да се надеваме политиките на Доналд Трамп, за почитување на демократијата  и не мешање во работењето на Владите на независните држави,во која спаѓа  и Македонија тоа нема да се случи.

Во исто време, младите сè повеќе гледаат кон Кина како нов геополитички партнер, а постарите ја зајакнуваат наклонетоста кон Русија. Ова не е случајност – народот сфаќа дека единствениот начин да се заштити македонскиот интерес е да се има повеќе опции, наместо слепо да се следи западниот диктат.

Македонскиот народ буден: Нема повеќе капитулации!

Оваа анкета ја испраќа најважната порака досега – Македонците не се против Европа, но се против предавството. Доста беше свиткани кичми, доста беше поклони пред Брисел. Ако Европа е искрен партнер, нека престане со уцените. Ако навистина сака Македонија да биде дел од европското семејство, нека го покаже тоа со дела, а не со нови барања кои само ја разнебитуваат државата.

Во спротивно, Македонија има право да размислува за други алтернативи. Западот веќе не е единствената опција – и тоа, конечно, станува јасно на сите!

Би можело да ве интересира

ЗА КОГО ПРИЛЕП ЖАЛИ ?!

Гордана Цветаноска

Тутунарите (земјоделците) молчат гласно!

Гордана Цветаноска

Третиот блок на РЕК Битола не може да се стави во функција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе