Прости ми! Простено да ти е! Прости ми! Простено да ти е! Прости ми! Простено да ти е и од мене и од Бога!
Вака, со овие реченици почнува одбележувањето на христијанскиот празник Прочка или Велики поклади. Со трепеза за која се варат јајца и се меси кора, заради верувањето во легендата дека на овој ден умрело дете за кора, и со амкање на јајце, се одбележува овој празник кој на некој начин е меѓник меѓу зимата и пролетта. Токму затоа се верува дека со „преправањето“ односно маскирањето, страшните маски всушност го бркаат ѓаволот и ја бркаат зимата, најавувајќи ги пролетта и сонцето.
По тој повод, по 23 пат во Прилеп се одржа Карневалот Прочка-2025. Покрај студеното и врнежливо време кое е вообичаено за овој период од годината, карневалската поворка, започна во 12.00 часот со дефиле на маски и настап на жонглери, агробати, кловнови и куклари. Ви пренесуваме дел од атмосферата преку фотографии.