14.6 C
Прилеп
четврток, 18 јуни, 2026
Пела Радио

Прв фестивал за рана музика во Македонија – „Dulcia Sonant“ ќе се одржи во Прилеп

Во Прилеп ќе се  одржи првиот фестивал за рана музика во Македонија – „Dulcia Sonant“, посветен на истражување и оживување на музиката од византиската, средновековната и раноренесансната традиција. Во два последователни концерти ќе оживее звукот на едно одамна замолчено време – преку ретки инструменти, древни напеви и извонредни интерпретации.

Настанот е на 16 октомври/четврток/  во 20:00 ч. во кино „Мис Стон“ каде ќе се одржи концертот „Помеѓу Кукузел и Палестрина“. Два хора – „Св. Петка“ и „Пелагонитиса“ – под диригентство на Гоце Секулоски, ќе создадат звучен мост меѓу Истокот и Западот, спојувајќи ги византиската духовност и ренесансната полифонија.

На 17 октомври во 20:00 ч./петок/ во кино „Мис Стон“ ќе се одржи концертот  „Средновековни еха“
Редок музички дијалог помеѓу човечкиот глас и древниот инструмент – портативна оргула од 14 век, со која ќе настапи Cristina Alís Raurich (Шпанија), музичар и истражувач, која прва во светот направи реконструкција на портативна оргула од 13 век. Со неа настапува Ана Митоска (Македонија) – глас, во програма што нè носи низ звучните пејзажи на средновековната Иберија.

Кристина Алис Раурик е афирмирана интерпретаторка, истражувач и педагог од Шпанија, специјализирана за средновековни клавишни инструменти како портативна оргула (органето), клавицимбалум, клавицитериум и средновековни оргули. Во 2014 година, ја изработува првата светска реконструкција на портативна оргула од 13 век, заедно со истражувачот Валтер Чинаља. Како солистка и член на ансамбли како Magister Petrus, Vetera, La Douce Semblance, Sonus Hyspaniae и Donnafugata, настапувала низ Европа и Северна Америка, снимајќи за радио и телевизија. Кристина е и педагог: професор е на Центарот за средновековна музика во Монпелје, Франција, и асистент-директор на курсот за средновековна музика во Бесалу, Каталонија. Нејзините настапи се познати по емоционалната длабочина и историската веродостојност, пренесувајќи ја публиката во музичкиот свет на средниот век.

Ана Митоска е македонски сопран со богато искуство како солист и во работа со ансамбли. Нејзиниот репертоар ги вклучува средновековната, ренесансната и барокната музика, музика на современи композитори, како и изведби на композиции за театар и филм и традиционална музика. Настапувала на бројни фестивали и во театарски продукции, соработувајќи со меѓународни и домашни музички ансамбли и пијанисти.

Фестивалот „Dulcia Sonant“ отвора ново поглавје во музичкиот живот на Прилеп и Македонија – патување низ вековите, од мистичните византиски напеви до раскошниот звучен израз на раната ренесанса.

Влезот е слободен.

Би можело да ве интересира

Прилепскиот театар, утре, работно,со престава, ќе го одбележи Светскиот ден на театарот 27-март

Здружението Преродба во хуманитарна акција за Марко

Пела Редакција

Премиерно утре во театар, драмата „Светулки“

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе