Двајцата кандидати за градоначалник за Општина Долнени, Блерим Ислами од ВЛЕН и Сашко Вељановски од ВМРО-ДПМНЕ, ја почнаа кампањата за вториот круг за избор на градоначалник.
Сашко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ во овoj двонеделен рок од изборна кампања напиша дека ќе се фокусира на промоција на програмата до секој жител на Општина Долнени и изрази увереност во подобар резултат во вториот круг.
Во првиот круг го покажавме вистинското лице на Долнени – лице на единство, решителност и надеж! Благодарност до сите што застанаа со нас – Македонци, Бошњаци, Албанци и Турци – кои веруваат дека Долнени може и мора подобро! Вашата поддршка е јасна порака дека граѓаните се уморни од неправдите, поделбите и разочарувањата. Доста беше ветувања без дела – време е за нов почеток, за општина каде сите ќе се чувствуваме рамноправни и слушнати. Сега е моментот да ја заокружиме промената што ја започнавме! Во вториот круг, да се обединиме уште посилно и да застанеме зад човекот кој има визија, чесност и енергија да го води Долнени напред – Сашко Велјаноски! Да покажеме дека кога сите заедно стоиме – нема сила што може да нè запре! Поддржи ја промената. ДОЛНЕНИ ЗАСЛУЖУВА ПОВЕЌЕ!, напиша тој.
Кандидатот на ВЛЕН, Блерим Ислами , изјави дека во следните две недели ќе го посети секое семејство за да побара поддршка.Тој деновиве беше во посета на Лажани, Житоше, Цртнилиште…
Ќе продолжиме со нашата програма и во овој двонеделен рок, со цел да стигнеме до секој граѓанин. Долнени има потенцијал – во земјоделството, образованието, инфраструктурата и со нов, чесен и отворен правец, можеме да изградиме подобра иднина за секое семејство. Овој резултат на овие избори е благодарение на нивниот ангажман. Конечното победата и припаѓа на Долнени. Заедно можеме да направиме промена!, напиша Блерим Ислами, кандидат за градоначалник на ВЛЕН за Долнени.
Сашко Вељаноски е дипломиран економист, насока менаџмент.Член е на бордот директори на Тутунски комбинат АД Прилеп и е поранешен директор на Јавното комунално претпријатие во Долнени. Потекнува од населеното место Ропотово. Тој е семеен човек, татко на две деца.
Блерим Ислами е професор во ООУ “Исмаил Џемали“ во с. Црнилиште. Тој е семеен човек и татко на две деца.
Кампањата за вториот круг од изборите е во тек, а ќе заврши на 30 октомври на полноќ. В сабота е мол, а веќе в недела на 2 ноември ќе се одржи вториот круг на изборите . Во вториот круг на гласање за градоначалник би бил избран кандидатот кој би добил најголем број гласови.

