9.4 C
Прилеп
четврток, 24 октомври, 2024
Пела Радио

Започна вакцинацијата против сезонски грип и во Прилеп

Од првиот ден има огромен интерес за вакцинацијата против сезонски грип, вели Драгица Николоска, директор на Центарот за јавно здравје Прилеп каде се врши имунизацијата. Пристигнати се и комерцијалните вакцини.

– Вакцините пристигнаа во текот на вчерашниот ден во поладневните часови, а денеска рано утринава, веќе е отворен пунктот за вакцинација против сезонски грип кој што се наоѓа во просториите на Центарот за јавно здравје Прилеп. Заинтересираните граѓани треба да се пријават на vakcinacija.mk и по СМС порака ќе добијат термин со точен датум и време. Пунктот ќе работи од 8.30 до 14.30. Сакам да ги информирам граѓаните дека дел од вакцините, поголемиот дел се бесплатни, и тие ги обезбеди Министерството за здравство, а се за следните категории на граѓани: лицата кои се постари од 65 години, бремени жени, деца од 0 до 6 години, здравствените работници и пациентите кои што се со хронични опструктивни болести, посочи Николоска.

Инаку, дополнително, Центарот за јавно здравје Прилеп обезбеди уште 600 дози комерцијални вакцини, кои што се за сите останати граѓани кои не припаѓаат на овие категории, а сакаат да се вакцинираат против сезонски грип. Цената на оваа комерцијална вакцина е 800 денари и е униформна во сите центри за јавно здравје.

Прилепскиот центар за јавно здравје и утре, сабота 13 ти ноември ќе работи, бидејќи преку електронскиот систем се утврдуваат термините за имунизација.

– Задолжени сме преку електронскиот систем Мој термин има закажување на термини и во текот на утрешниот ден, значи ќе се работи и во сабота, додека комерцијалните вакцини ги започнуваме од понеделник и ќе се аплицираат до петок.

Што се однесува до останатите општини кои што ги покрива Центарот за јавно здравје, општините Кривогаштани и Долнени пунктот за вакцинација е во Центарот за јавно здравје Прилеп. Додека за граѓаните од општина Крушево и од Македонски брод прилепскиот центар обезбедил дополнително екипа од епидемиолог и медицински техничар кои што ќе ги аплицира вакцините. Во општина Крушево вакцинацијата ќе биде во четврток, а додека во Македонски брод во вторник, рече Николоска.

За комерцијалните вакцини граѓаните не треба да се пријавуваат преку www.vakcinacija.mk  туку можат во периодот од 8.30 до 14.30 од понеделник до петок во Центарот за јавно здравје Прилеп. Вакцинацијата против сезонски грип ќе трае се’ додека има заинтересираност.

 

 

Би можело да ве интересира

Наставата во основните и средните училишта ќе почне со физичко присуство, одлучи Владиниот кризен штаб

Гордана Цветаноска

( Фото+ видео) „Св. Пантелејмон„ празникот кога си заминуваат штрковите

Пела Редакција

Меѓународен стручен тим ќе го решава проблемот со влагата во црквата во манастирот Трескавец

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе