16.9 C
Прилеп
недела, 8 септември, 2024
Пела Радио

ОЈ ВАРДАРЕ МАКЕДОНСКИ ТИ ЈА КРАСИШ – И АНГЛИЈА

Пишува: Георги Гоце ДУРТАНОСКИ

Најстариот македонски ресторан во континуитет надвор од границите на Македонија е ресторанот „Вардар„ на Петре и Лорета Стојановски од Англија кој денеска слави 45 годишен јубилеј.

Нашите домаќини, Петре и Лорета се присетуваат на нивниот тежок и неизвесен почеток на 19 јуни во далечната 1979 година, како се одлучиле да ја афирмираат македонската традиционална кујна преку името на нашата најдолга река која претставува културен, традициски и духовен симбол на сите радости и страдања на Македонците во својата историја.

„Англичаните ја ценат храната, посветеноста и трудољубивоста. Скоро половина век ние сме тука за нашите гости и квалитетно приготвената храна е девизата од која не треба да се отстапува никогаш и кој треба да биде главно мото за секој кој одлучил професионално да се бави со гастрономија“, ни појаснуваат сопружниците Петре и Лорета.

Тимот на „Вардар„ и нашиот известувач (од лево кон десно): Горан Митески, Тина Карафилоска, Лорета Стојановска, Георги Гоце Дуртаноски и Петре Стојановски

 

МАКЕДОНСКИОТ ПОЛ БОКУЗ

Нашите големи амбасадори на македонската кујна Петре и Лорета Стојановски сеуште зрачат со ентузијазам и позитивна енергија како од првиот ден на нивната веридба; еден моќен перпетум-мобиле тандем кој ги одржува во рамнотежа и го инспирира секој кој го пречекорил прагот на македонскиот ресторан „Вардар„ и ги запознал лично.

Запазувајќи го строгиот  традиционален македонски бренд кој сеуште е под надзор на будното око на „македонскиот Пол Бокуз„ – мајстор Петре, македонскиот ресторан „Вардар„ е место на гости од три генерации од Литлхамптон и соседните градови Вортинг, Чичестер и Арундел, а гости доаѓаат и од Брајтон и Лондон.

Петар и Лорета Стојановски во 1979 година во локалниот печат во Литлхемптон

Покрај афирмацијата на македонската кујна, семејството Стојановски поседуваат широко срце изразено преку големиот број на донации и хуманитарните активности кои Стојановски ги иницирале или ги дале на болниците, децата со даунов синдром и лицата со посебни потреби. Донатори се и во активностите на македонските здруженија и црковни општини во Англија и голем број на активности и помош испратени во Македонија.

 

Македонскиот народ, Прилеп и прилепчани им испраќаат едно големо благодарам на семејството Стојановски и им го честитаат јубилејот: за многу години, за арно и за убаво!

ИМОТОТ НА СТОЈАНОВЦИ Е МАКЕДОНСКА ЕНКЛАВА ВО АНГЛИЈА

Литлхамптон (анг.Littlehampton) е пристанишно гратче сместено во Англискиот канал и источниот брег на устието на реката Арун во Западен Сусекс, Англија.

Неговата богата историја се трасира како населено место уште во предисторискиот и римскиот период, додека пак прв пишан документ во кој се спомнува под името Хантоне (Hantone) е Книгата на страшниот суд ( анг.Domesday book; лат. Liber de Wintonia) ракопис составен во втората половина на 11. век (1086 година) и претставува пописен документ за делењето на земјата помеѓу англискиот крал Вилијам Освојувачот и нормандските феудалци. Нарачката на овој историски пишан споменик е токму на Вилијам Освојувачот и со насловот/називот „Книга на страшниот суд„ всушност сакал да покаже дека вредноста на книгата ќе биде до крајот на постоењето на светот. Книгата претставува еден од најзначајните споменици на феудална Европа, бидејќи во ниту една друга земја не е познат толку ран попис на земја.

Развивајќи се како важен пристанишен град, подоцна во 16 век го добил и префиксот „Little„ (Мал Хамптон) за да се разликува(ат) со веќе етаблираниот пристанишен центар Соутхамптон (анг.Southampton) во Хемпшир, кој Хамптон го добил префиксот „South„ (Јужен Хамптон).

Ресторанот „Вардар„ се наоѓа во историски објект изграден од познатиот англиски архитект Вилијам Вајт.
Литографија на плоштадот Селборн во Литлхамптон од 1863 година печатена во Лондон.
Вилијам Вајт

Во 18. и 19. век Литлхамптон станува дестинација на интелектуалната елита англиски писатели, филозофи, уметници и теолози меѓу кои Џорџ Гордон Бајрон, Семјуел Тејлор Колериџ, Перси Биш Шели, Џон Канстејбл и многу други. Литлхамптон останува популарна дестинација за одмор и во 20. век, а според една туристичка репортажа од 1920 година му се придодава и заслужениот епитет „Детски рај„ (анг.’The Children’s Paradise’).

Важно е да се спомене дека во половината на 19. век во Литлхамптон живеел и работел еден од најпознатите англиски архитекти – Вилијам Вајт (William White,1825-1900), син на свештеник и правнук на познатиот англиски пионерски натуралист, орнитолог и ботаничар Гилберт Вајт (Gilbert White of Selborne 1720-1793) уште попознат како Гилберт Селборншки или Гилберт Вајт од Селборн.

Објектот каде се наоѓа македонскиот ресторан “Вардар” е изграден од Вилијам Вајт каде извесно време и живеел, и затоа во негова чест и во чест на неговиот прадедо плоштадот и улицата го носат неговото име, а самиот објект претставува историски споменик на архитектурата.

По референдумот за независност на Македонија на 8 септември 1991 година во ресторанот „Вардар„ се одржани голем број на состаноци на Македонците од културен и религиозен карактер и токму тука е формирана и Македонската асоцијација (заедница) во Обединетото кралство како и две црковни општини. Во Литлхамптон денес живеат околу 150 Македонци обединети во црковната општина „Св.вмч. Георгиј„ основана од Петре и Лорета пред две и пол децении и со право може да кажеме дека имотот на семејството Стојановски е македонската енклава во Обединетото кралство.

Изгледот на ресторанот „Вардар„ во македонски традиционален дух во 1979 година

 

Би можело да ве интересира

Скромно одбележана градската слава Св.Никола

Елизабета Филипоска

Кога и како ќе гласаат лицата во самоизолација и болни од КОВИД 19 кои се во карантин?!

Елизабета Филипоска

Посебен режим на сообраќај за Илинден кон Крушево

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе