Во општина Кривогаштани денеска посе одржа трибина за унапредување на пристапот до заштита од дискриминација во организација на Мрежата за заштита од дискриминација во соработка со ЛАГ АГРО ЛИДЕР и општина Кривогаштани.
Марина Тошеска од ЛАГ АГРО ЛИДЕР посочи дека Принципите на рамноправност и недискриминација се зацртани во Универзалната декларација за човекови права: „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинство и права“ (член 1). Овој концепт на еднаквост во достоинството и правата е вграден во современата демократија, па така, државите се обврзани да ги заштитуваат различните малцинства и ранливи групи од нееднаквиот третман.Член 2 ја содржи слободата од дискриминација: „Сите права и слободи, прогласени во оваа Декларација, му припаѓаат на секого, без никаква разлика.“ Принципите на недискриминација се дел од Уставот на нашата држава, како и Законот за спречување и заштита од дискриминација чија цел е обезбедување на принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи.
Г-ѓа Весна Бендевска – Претставник од Комисијата за заштита и спречување на дискриминација како независно самостојно тело основано од Собранието, информираше за работата на Комисијата, кои се нејзините одговорности, резултатите од работењето како и должностите на Комисијата во заштитата и спречувањето на дискриминацијата на граѓаните на нашата држава.
Дискриминацијата има директни последици врз оние луѓе и групи кои се дискриминирани, но, исто така, има и индиректни и длабоки последици врз општеството како целина. Општество каде дискриминацијата се дозволува или се толерира е општество каде се кршат човековите права, и луѓето се соочуваат со предизвици во остварување на нивниот целосен потенцијал за себе и за општеството.
На трибината беа споделени примери за начинот на кој дискриминацијата влијае врз човековите права, како и мерките и иницијативите кои се во тек за да се спречи дискриминацијата и да се придонесе за уживање на човековите права, еднаквост и социјална правда.
Трибината има цел да ги информира граѓаните за законската регулатива за спречување и заштита од дискриминација, како и достапните механизми за заштита од дискриминација, преку промовирање на работата на Комисијата за заштита од дискриминација до граѓанскиот сектор и институциите на локално ниво кои треба да обезбедат пристап до правда и еднакви можности на граѓаните.
Граѓаните алармираа на неколку видови на дискриминација особено насочена кон лицата со попреченост, пристапот до образование, пристапот до ресурси и услуги во руралните средини, и др.
Трибината е организирана во рамките на проектот „Видливи, здружени и гласни“ поддржан од програмата на Цивика Мобилитас како еден вид акција за недискриминација и еднакво учество преку мулти-секторска соработка.