Во присуство на ново избраните и предходни советници, претставници од Регионалната стопанска комора-Прилеп, бизнис секторот, раководители на јавни установи, преставници на ДНУ-Прилеп, од боречката организација, граѓани.. денеска, по интонирањето на македонската химна се одржа првата конститутивна седница на Советот на Општина Прилеп.
Седницата ја отвори претходниот претседател на Совет на Општина Прилеп, Никола Димески, кој им се заблагодари на советниците за досегашна меѓусебна соработка и предложи формирање на комисија за верификување на мандатите на новоизбраните советници, при што и официјално беше донесена одлуката за верификција на мандатот на новиот Совет на Општина Прилеп. Според законската регулатива, раководењето на Седницата на Советот го продолжи најстариот советник, Светлана Велеска, која предложи формирање и избор на Кандидациона комисија, која го избра новиот Претседател на советот. Со 15 гласови за и 12 против, на денешната прва седница на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски, од советничката група на СДСМ беше избран за Претседател на Советот на Општина Прилеп.Тој пред Советниците вети дека нема да има злоупотреба на советничката говорница и дека сите ќе го почуствуваат духот на демократијата.
„Нема да дозволам во Советот, наметнување на волјата на мнозинството врз малцинството, нити пак ќе има слепо наметнување на волјата на градоначалникот врз советниците. Пред нас е историска шанса во наредните 4 години да донесеме одлуки, што ќе значат добробит и прогрес на општината. Ќе носиме одлуки со кои ќе го подобриме животот на младите и ќе ги стимулираме да останат и да работат во Прилеп. Советот ќе работи во интерес само на граѓаните, со цел да има изградба на современа патна инфраструктура, да се отвораат нови работни места, да се привлекуваат како домашни, така и странски инвестиции.
За да го оствариме сето ова, потребна е отворена и искрена соработка помеѓу сите членови на Советот на Општина Прилеп, од сите политички партии во интерес на сите граѓани на нашата општина. Посебно сакам да ги уверам граѓаните дека сите нивни проблеми ќе бидат ставени на дневен ред на Советот“, истакна Талевски.
Новиот состав на Советот на Општина Прилеп го поздрави и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски кој нагласи дека заеднички Советот и Градоначалникот ќе работат за просперитетна и успешна општина. Тој им порача на советниците да бидат конструктивни и да работат во интерес на граѓаните.
„Им го честитам мандатот на советниците. Во наредните 4 години, се надевам дека сите заедно успешно ќе ја водиме Општината, без разлика на која политичка партија припаѓаме. Убеден сум дека граѓаните во иднина ќе имаат подобар живот во Прилеп, со она што ќе им го овозможиме ние како Совет и јас како Градоначалник на Општина Прилеп“, изјави Јованоски.
Советниците на првата констититивна седница на Советот на општина Прилеп дадоа свечени изјави дека ќе работат во интерес на граѓаните и потпишаа изјави со кои се обврзаа на совесно работење.
Утре, Советот на општина Прилеп ќе ја одржи 2-рата седница. На дневен ред пред советниците ќе се најде Предлог-Решение за избор на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија.