Први Maj, Денот на трудот ќе биде одбележан со четири одделни протестни маршеви во Скопје. Еден организира Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ, под мотото „Не може да се одлучува за нас, без нас“. ССМ го почнува маршот во 11 часот, пред седиштето на ССМ, а ќе го заврши пред Владата. Организаторите најавуваат дека маршот ќе го завршат со читање на барањата од Мајскиот манифест. Работниците технолошки вишок од Еурокомпозит се приклучуват на овој марш и од утре започнуваат со нов протест пред Владата.ССМ бара пораст на платите, повеќе договори за вработување на неопределено време, да се продолжи породилно отсуство на 12 месеци, исплата на К-15 и во јавниот сектор, да не расте старосната граница за одење во пензија и други барања. Потоа е закажана првомајска седница на економско-социјалниот совет.
Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) маршот го почнува со во 10.00 часот, од пред зградата на Македонската радиотелевизија. При тоа, шеесетина возила ќе бидат следени од членови на КСОМ, кои движењето преку мостот Гоце Делчев ќе го завршат пред Владата во 11.30 часот. Потоа ќе ги презентираат синдикалните барања кои се однесуваат за сите синдикални организации во КСОМ, а веднаш потоа ќе бидат предадени и до Премиерот.
Протест ќе има и пред плоштадот „Карпошево востание“. Таму се озбираат членовите на Синдикатот на новинари и медиумски работници(ССНМ) заедно со Синдикатот на дипломатската служба, Независниот академски синдикат и Синдикатот на културата. Протест организира и Социјалниот центар „Дуња“, под мотото „Да го одбраниме јавното здравство“ пред Министерството за здравство.
Поради најавените протести, утре Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Скопје ќе воведе посебен сообраќаен режим за непречено одвивање на манифестацијата долж најавената маршрута на движење на учесниците.