Утревечер , (петок,17 мај, 20,оо ч) премиерно на театарскта сцена на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе биде изведена претставата „Арапска ноќ“ од Роланд Шимелфениг во режија на Зоја Бузалковска.
„Некој текстови кога ги мислиш,ги мислиш за одредено место, за одреден театар, одредена екипа. Прилепскиот театар докажал дека е подготвен за авантури, за театарски експерименти и на посмел чекор, кон она што се прави. Актерите можат да влезат во секоја нова авантура. Сите заедно пробавме да го дефинираме овој жанр, специфичен за оваа престава, на која и даваме една музичка димензија. Ова можеше и да биде и радио драма, односно да се слуша преставата, наместо да се гледа или да се чита текстот. Се надевам дека и за тоа, оваа драма ќе биде посебно возбудлива и интересна “ истакна режисерот Зоја Бузалковска
„Со Зоја е секогаш возбудливо да се работи ,а нам на актерите секогаш ни е предизвик, бидејќи во секој проект има некој нов пристап.Сега екпериментираме со многу тежок текст ,но најдовме форма заедно со музичарите, со актерите и со феноменалната сценографија, израз кој што е возбудлив и никогаш не си сигурен дали ќе го прифат публиката или не. Беше интересен процес,со долги и напорни проби кои се надеваме на крај ќе и се допадне напуликата- вели актерот Димитар Ѓорѓиевски.
Инаку, дејството се случува во европски град, во една летна ноќ, кога ненадејно се прекинува востановената практика на функционирање на животите секоја вечер. Една обична десеткатна станбена зграда, како многу околу, со текот на времето се претвора во ,,волшебна кула,, и станува ,,извор на магичен реализам,,. Приказната е прекрасна, неверојатно урбана и сензуална. Го спојува Истокот и Западот, грубата реалност и надреалното во сонот, тесниот стан и арапската пустина… Во сета забавност и динамичност на раскажување на возбудливата фабула, драмата се занимава со осаменоста и со потребата да се преспие сопствениот живот, да се сонува и да се замени реалноста со фикцијата, за да се преживее ноќта.
Играат, Игор Трпче, Даниела Иваноска, Александар Степанулески, Димитар Ѓорѓиевски и Ангела Наумоска.
Ова е првиот проект на театарот „Војдан Чернодрински за оваа година, прв одобрен од Министерството за култура, кое на прилепскиот театарот, за оваа 2019 г., му одобри четири проекти.