Три години неиграње на свој сопствен стадион и големите клубови ,а не пак Победа, нема да издржат ниту бодовно ниту финансиски, истакна новоназначениот ВД привремен претседател на ФК Победа Миле Спиркоски, на денешната прес конференција во просториите на прилепскиот клуб. Тој додаде дека барањето на терен секоја недела на клубот му „калапеше ” дополнителни финансиски трошоци како патување со автобус, лица за носилки, обезбедување на лица редари, што во глобала за 20 натпревари, условно кажано на домашен терен, клубот го чинеше 100 000 евра.
Дополнителен проблем, како што наведе Спиркоски, е и загубата на поддршката од публиката, како и мотивацијата во натпреварите. Тој го потенцираше и незадоволството од делегирањето на одредени судии во одлучувачките натпревари сезонава во битката за опстанок, особено на мечот Победа – Силекс во Турново, каде што, како што кажа тој, се случила „лакрдија” за која до ден -денес нема одговор.
Победа се обиде на било каков начин да преживее сезонава, но немањето на финансиски средства доведе до ситуација во каква што е сега клубот, рече Спиркоски. Тој потенцираше дека во периодот од каде тој го презема клубот долговите се подмирени, дека Победа е во сопственост на акционерите , но сепак треба да се ублажи долгот кон доверителите.
Овие денови треба да биде позната ситуацијата околу стартот на новата сезона каде второлигашката битка ќе биде тешка за прилепчани, се очекува исто така да се знае – дали Победа во новиот циклус ќе има свој стадион каде ќе ги нагости конкурентите.
Спиркоски јавно праша : Три години да се остави најфудбалски град без терен , некој треба да сноси одговорност?!
Немањето на тревнат терен е најголемиот проблем, додека објектот започна да се реновира, а прашање на време беше кога ќе дојде клубот во оваа ситуација , кога се се’ почна, а не се заврши, рече Спиркоски, додавајќи дека клубот може многу лесно да дојде до „ликвидација “ако ги нема основните услови за старт на новата сезона: пред се стадион, тревнат терен, финансиска стабилизација. Инаку, според Спиркоски, финансиски еден клуб во втората лига може да се натпреварува нормално со некаде вкупна сума од 80 000 евра за опстанок, а додека клубот ако сакаме повторно да избори пласман во првата лига потребни се повеќе од 200 000 евра буџет.
За потсетување Победа три години има различни дестинации за одигрување на натпревари, дестинации кои на крајот мораше да го вратат клубот дома , но во ВТОРАТА ЛИГА !
ВД претседателот Миле Спиркоски е поранешен функционер во Фудбалската федерација на Македонија. Тој доаѓа како замена за Небојша Стојковиќ, кој го напушти претседателското место во февруари.
РЕПОРТЕР: Никола Димески