Известува: Никола Димески
Нема сомнение, има две Победи: едната која штотуку испадна во Втора лига, и онаа старата, која што не може да продолжи од онаму каде што застана кога беше казнета од страна на УЕФА. На прес конференција денеска излегоа претставници од онаа “старата” Победа. Од таму велат дека иако имаат уредна документација со која според нив веќе во натпреварувачката 2017/2018 година Победа требало да стартува со натпревари во Првата македонска фудбалска лига?! Пречка за тоа, како што истакнаа на средбата со новинарите е претходната гарнетура на ФФМ предводена од тогашниот претседател Илчо Ѓоргиески, која што немала слух за сите барања, известувања и доставувања на документацијата во која Победа може да продолжи со работа. Дури, како што вели Кироваков -секретарот на клубот, во месец мај 2017 година, било испратено барање во ФФМ да се тргне со младинските школи, но и тогаш од ФФМ биле “глуви”. Наместо сево ова, донесена е одлука од некоја “комисија од анонимуси која заседавала “ каде суспензијата на прилепскиот клуб е преквалификувана и преиуменувана во дисквалификација.
Денис Трајкоски, спортскиот директор на клубот, истакна дека тие не напаѓаат никого без потреба, туку дека работат со факти, за кои, за жал, досега, никој не се заинтересирал да ги погледне. Од клубот бараат помош од локалните власти како и правна помош за да се изнајде решение за ситуацијата во која се најдува сега “дисквалификуваната” Победа. Трајкоски побара да се преиспита одлуката од страна на ФФМ,затоа што смета дека ова е кривично дело за кое се одговара.
Известена е и ФИФА и УЕФА со писмо испратено на 14.07.2017 но и од таму досега нема одговор – велат од клубот.
Во меѓувреме, додека трае оваа фудбалска агонија, која, каде, кога, кој е тој спортски колектив кој треба да биде претставник од градов во македонскиот фудбал, прашањето е: треба ли да се има ваков однос кон најфудбалскиот град во земјава, фудбалерите кои знаат дека играат за својот матичен клуб, си бараат нова фудбалска средина! Едни што веќе се во зрели години од својата кариера , други пак знаејќи го фактот што “оваа” Победа ќе игра во втората лига, а старата Победа нема можност да се натпреварува. На пример , Танушев во Академија Пандев, Макота во Зенес Ес Луксмебург, Трајкоски и Спиркоски во Македонија Ѓорче Петров итн.
Сите со нетрпение го очекуваат епилогот од моменталната фудбалска состојба на прилепскиот фудбал. Кој ќе биде конечниот епилог од прилепската фудбалска драма не се знае, но со сигурност постојат две ПОБЕДИ, а никоја нема блескава иднина барем засега.