Kопродуциски проект чија што премиера е на 7 ми октомври во Народниот театар „Војдан Чернодрински“, „Глембаеви, уште една легенда “ во режија на Бранко Брезовец, е иновативен спој на двете енергии од актерските екипи од Прилеп и Загреб. Тоа е премиерна изведба како круна на соработката помеѓу НТ „Војдан Чернодрински“ Прилеп и „Еуроказ“, уметничка организација од Загреб. Петмина актери се од Хрватска, а осуммина актери настапуваат од прилепскиот театар.
– Оваа претстава мора да се третира како некоја посебна претстава, како поинаква намера, поразличен естетски и друг пристап и поинаква, различна енергија. Идејата е во тоа што Глембаеви ја изведоа и загребските и прилепските актери, но , еве, во една недела успеавме тоа да го споиме во една претстава. Во време на мојата режисерска работа, оваа претстава е пример како можат да се спојат двете енергии, зашто тоа е нешто што ретко може да се постигне. Не дека не може, туку, единствено стравување е дека енергијата ќе биде превисока, рече режисерот Брезовец.
Претставата „Глембаеви, уште една легенда “ ќе има три изведби во Прилеп, а во ноември ќе се игра во Загреб, исто така 3 пати. Идејата е да се игра многу подолго, а планирана е и европска промоција.
– Што се однесува до мене, овој проект е нешто невидено да се направи и прекрасно е што тоа успеавме да го реализираме. Претходно ние во Загреб имавме неколку претстави, а исто и прилепскиот театар, така што сега тоа го спојуваме во една заедничка претстава, а токму тоа е нешто што јас претходно никогаш не сум го доживеал и прашање е дали некогаш ќе го доживеам. Ние поточно си влегуваме едни во други во улогата, се надополнуваме, ги доловуваме емоциите. Проектот е на границата на експеримент, не само овде, туку и во европската и светската сцена, вели Домагој Јанковиќ кој ја игра улогата на Бароницата Кастели – Глембај.
Од прилепската театарска екипа Даниела Иваноска ја толкува улогата на бароницата Кастели.
– Ваквото спојување на две екипи е фантастично. Особена е возбудата од непознатото, одлично се надополнуваме на сцената. Големо искуство и се надевам дека е почеток на практика на соработка и на театарско експериментирање, рече Иваноска.
Во претствата играат: Андон Јованоски, Златко Буриќ, Даниела Иваноска, Домагој Јанковиќ, Зоран Иваноски, Ангела Наумоска, Сузана Брезовец, Димитар Црцороски, Роберт Шпаниќ, Исидор Јованоски, Павле Вркљан, Трајче Иваноски, Игор Трпчески и Ана Митоска Стојаноска. Композитор на музиката е Никола Мицевски, сценограф Ивана Кнез, а за костимите се погрижи Сузана Брезовец.