Четвртина Македонци родени во земјата, односно 25,7 отсто, сега живеат надвор од неа според најновиот извештај на Светската банка, „Миграцијата и одливот на мозоци во Европа и Централна Азија“.
Стапките на емиграција кај висококвалификуваните работници (т.н. одлив на мозоци) се високи, особено во некои од земјите со пониски приходи на Балканот и во Источна Европа.
Од луѓето со високо образование емигрирале речиси 40 проценти од Македонија, вели извештајот, исто како и во Албанија, Казахстан, Молдова и Романија.
„Заклучно со 2017 година, повеќе од една третина од универзитетски образованите работници од Република Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина живееле во странство.“
Стапката на иселување не е рамномерна кај професиите, вели Светската банка.
Во 2017 година, околу 70 проценти од вработените во високообразовниот систем на Македонија планирале да емигрираат; 20% од нив веќе имале аплицирано за работни места во странство, се вели во извештајот.
По бројот на иселеници Македонија е четврта, а прва е Босна и Херцеговина, од која е иселена половина од населението родено во неа (49,5%).
Петтина од населението се иселило од Хрватска, која по Малта има највисока стапка на емиграција во Европската Унија. Од Црна Гора исто така заминала петтина од жителите родени во неа.