7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Станкоски: Тутунски Комбинат е на одлична патека!

Откупот на тутунот е на прагот. Законските измени  стартуваат при преземањето на актуелната реколта, а ќе се важат и за новото производство на тутун. Тутунски Комбинат остварува позитивни финансиски резултати во работењето, но како се одвиваат плановите со стратешкиот партнер Филип Морис за производството на цигари и дали Комбинатот се консолидира по решавањето на проблемот со превработеноста, на овие прашања разговор со Кирил Станкоски, генерален директор на Тутунски Комбинат АД Прилеп.

1. Дали Комбинатот е подготвен за преземање на договорената реколта?

– Тутунски Комбинат е целосно подготвен за откуп на тутунот произведен во 2019 година. Обезбедени се финансиските средства и сите инспекциски надзори се поминати. Ние сме спремни уште утре да почнеме со откупот. Токму денеска од страна на Државниот инспекторат за земјоделство кои беа во посета на Комбинатот ги констатираа сите потребни документи ги поседуваме, односно обезбедените финансиски средства. Минатата недела успеавме со банките да се договориме и потребните средства се веќе на сметката на Тутунскиот Комбинат.

2. Теренските анализи од здруженијата говорат за намалена продукција,  очекувате дека ќе ги исполните планираните 3 илјади тони ориентален тутун од кооперантите ? Какви се вашите прогнози, станува збор ли за намалено производство на тутун годинава од очекуваното?


– Сите податоци со кои што располагаме и мониторингот на терен од реколтата 2019 та на нашите теренски техничари, говорат дека оваа сезона ќе тежи околу 25 милиони кгр тутун. Задоволни сме од квалитетот и во споредба со ланската реколта е подобра од лани и да биде обострано задовоството како на земјоделците, така на за нас како откупувачи.

3. Тутунски Комбинат учествуваше во новините кои се содржани во законската регулатива за откупот. Како тоа ќе се одрази врз откупот?

– Имав прилика да учествувам во работната група при подготовката на новиот Закон за тутун. Можам да кажам за огромни придобивки за производителите : „белите картони“ за наредната сезона се укинуваат; потоа склучувањето на договорите и евиденцијата ќе оди дирекно преку компаниите во комуникација со кооперантите, додека подрачните единици и ресорното министерство ќе бидат еден вид контрола, на сето тоа, што ние како компании сме го направиле. Или едноставно кажано, со овие измени се избегнуваат оние турканици и малтретирање на тутунопроизводителите при стартот на производната сезона. Во делот на откупот се некои технички измени кои се однесуваат на текот на процесот. Имено, откупот од оваа реколта започнува од 15 ноември до15 декември, што значи во текот на тие 30 дена откупувачите се должни да обезбедат соодветен број на пунктови за преземање на новата реколта. Измената е во крајот на откупот, при што, сега наместо 15 март, крајниот рок е 28 февруари. Понатаму, во пунктовите секој проценител треба да ја поседува таа „евиденциона картица“ со фотографија и заверена од откупната компанија, што е добра страна, за брзо и лесно препознавање. Исто така, има иста таква картица и за повереникот, како претставник на здруженијата. Двете картици се со две различни бои за препознавање и се знае кој е откупувачот, а кој претставник е од здружението. Законските измени се во насока на поголема транспарентност и олеснување на работата и во интерес на тутунопроизводителите. Во иднина, што е една од обврските во стратешкото партнерство со Филип Морис плановите се да продолжиме со поддршка на нашите кооперанти со репроматеријали, заштитни средства, авансирање на производството.

4. Вториот фронт на Комбинатот е производството на цигари. До каде е трансформацијата на Цигарната фабрика во модерен погон за производство, и дали стандардите за осовременување се достигнати?

– Изминативе 2 години сите наши напори беа насочени кон создавање на современи услови за работа во погонот. Стандардите што ни ги налага нашиот стратешки партнер Филип Морис во целост се исполнети, благодарение на тоа веќе 1 година и повеќе ги произведуваме и премиум брендови на Филип Морис како Марлборо. Сега сме во преговори за преземање на целата палета од страна на целиот тој бренд Марлборо, а покрај тоа произведуваме и Честерфилд и Бонд, кои се цигари, во сопственост на нашиот стратешки партнер, целата концентрација и енергија се насочени покрај откупот и преработката на тутунот, и во цигарното производство , а сите услови и стандарди поставени од Филип Морис се обезбедени.

5. Дали останува домашниот пазар приоритетен за пласман на цигарите, или ќе се проширува доменот?

– Сега, засега останува само домашниот пазар, но како стандардите се исполнуваат, палетата на производи се зголемува во Цигарната, а не е исклучено прашањето за извоз на цигари во соседните држави. Горди сме што во Комбинатот се произведува Марлборо и податоците кои ги имаме се дека секојдневно процентот на продажба се зголемува, што значи се враќа довербата на потрошувачите.

6. Ги исполнивте најавите за тоа дека оваа година за прв пат по 20 години Тутунски Комбинат е во позитива. Што значи тоа и какви се плановите за во иднина?

– Таа позитива е реална и врз база на релевантни финансиски показатели. Осваривме во оваа година значителен раст на приходите, а во добар дел ги намаливме расходите. Како производ на тоа, заклучно со третиот квартал, во септември месец, Тутунски Комбинат покажа добивка од 68 милиони денари, за која што се надеваме дека ќе ја зголемиме до крајот на годинава. Ова е историски момент и тимот кој што работиме сме особено горди на тоа што го покажавме, а планираме и наредната година да ја завршиме со позитивна сметка.

7. Колку изразено во проценти, од зацртаните стратешки цели со Филип Морис се реализирани?

– Ние работиме на два фронта. Во делот на откупот, преработката и продажба на тутун, плановите со Филип Морис се остварени. Имаме среќа да работиме со ваков гигант и тутунот кој што го откупуваме од нашите кооперанти во целост го продаваме на оваа реномирана компанија. Додека во цигарната индустрија по наши проценки сме дојдени до некаде 60 % од реализација на плановите. Во иднина целта ни е целата палета на производи од страна на премиум брендовите Марлборо да ги преземеме и да ги произведуваме во нашата фабрика. За тоа ги модернизиравме условите, со машини во одлична кондиција, ги подигнавме стандардите и го подмладивме стручниот кадар и сме на одлична патека во наредната година цела палета на асортиманот на премиум брендовите на Филип Морис да ги пренесеме во цигарната фабрика во Прилеп.

8. Дали се реши проблемот со превработеноста со социјалните пакети кои беа исплатени минатата година, но исто така најавивте дека се потребни и млади кадри и освежува со стручни лица?

– Го завршивме последниот социјален пакет за решавање на превработеноста во Тутунски Комбинат. Исплативме 4 милиони евра на работниците кои доброволно ја напуштија компанијата. Таа мерка ја направивме максимално транспарентно на обострано задоволство на двете страни и 222 вработени го напуштија Тутунскиот Комбинат. Со тоа, Комбинатот стана максимално продуктивна фабрика, а тоа ни беа и насоките на стратешкиот партнер. Една од мерките која покажа позитивен финансиски резултат е токму направениот пакет лани, заштедите од пакет се огромни, продуктивноста е на максимално ниво. Целта ја постигнавме. Додека овој пакет се реализира, се појави потреба од освежување и подготвување на стручниот кадар од околу 35 се работно ангажирани по завршувањето на последниот пакет. Тие веќе 1 година и пол работат и се покажаа како одличен млад, стручен кадар и наскоро ќе засноваат работен однос со компанијата.

9. Дали Комбинатот согласно развојните планови со стратешкиот партнер се враќа на голема врата на пазарот на производство, преработка и продажба на ориентален тутун и производство на цигари?

– Сите планови одат во таа насока. Целта ни е како прилепчани, ние Тутунски Комбинат да го вратиме на старите патеки. За две години направивме многу. Плодовите од нашата работа, стигнаа оваа година, со позитивна завршна сметка. Тоа е основата за да ги поставиме сите планови на развојот со цел Тутунски Комбинат да го вратиме на старите патеки од 70 тите и 80 тите години.

Би можело да ве интересира

Витаминка, осма година, се претставува на престижниот саем ISM 2020 во Келн

Гордана Цветаноска

Заев: Перспективата за бизнисот- мир, стабилност и безбедност на државата

Гордана Цветаноска

Пелагонија има највисоки производни трошоци на житните култури

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе