Спроведеното истражување на невладината „Рурална коалиција“ даде поразителни резултати за квалитетот на услугите и транспарентноста на Министерството за земјоделство во периодот од 2013 до 2016 година. Од вкупниот број испитаници дури 45 проценти ги оцениле до „двојка“ услугите на Министерството, а 19 проценти со „единица“. Истражувањето покажа дека и најголем дел од земјоделците не знаат или немаат информација дека може да се вклучат во работата на Министерството, а само три проценти од испитаниците посочиле дека учествувале во работата на некоја од потсекториските групи во ресорното Министерство.
Висок е процентот, дури 88 проценти, и на оние кои воопшто не знаат за постоењето на годишни програми за работата на Министерството за земјоделство.
Истражувањето на Рурална коалиција, покажува дека Министерството, во согласност со Законот, има воспоставено механизми и работни тела за вклучување на земјоделците, но нема никаков континуитет и отвореност во нивната работа. Ваквата практика резултира со голема недоверба и незадоволство кај земјоделците.
Состојбата е уште поалармантна ако се има предвид фактот дека сите земјоделци (100%) вклучени во истражувањето, нагласуваат дека немаат никакви информации за содржината, формата и заклучоците од состаноците на потсекторските групи, ниту пак, ги препознаваат членовите на овие групи кои доаѓаат од нивните региони. Истражувањето било спроведено во втората половина од минатата година во сите 8 Плански региони во Македонија, а биле опфатени вкупно 400 земјоделци и 10 вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.