Само за два дена 28, а овој месец вкупно 92 нови случаи со корона вирус во општина Прилеп. денеска Центарот за јавно здравје регистрира 11 новозаразени во општина Прилеп и 2 во општина Долнени, а една жена на 81 годишна возраст, како резултат од компликации со претходни болести ја загуби животната битка. Општинскиот кризен штаб на денешниот состанок заклучи дека непочитувањето на мерките, неносење на маски, семејните собирања, патувањата, опуштање поради годишните одмори се главните причини за брзиот пораст на заболени.
– За нас епидемиолозите ова е очекувано, не само кај нас туку и во останатите региони. Триесет и еден отсто од новозаразените се на возраст од 20 до 39 години, помлада популација што е разбирливо, со оглед дека има зголема фреквенција, луѓето се опуштија. Има голем број на асимтопатски кои го пренесуваат висурот кај повозрасните. Дваесет и две новозразени лица се на возраст од над 60 години. Имаме детектирано 8 активни кластери со 52 заболени лица, кои сите се на домашно лекување. Моментно во болница,на лекување се 14 лица со полесна клиничка слика. Починатиот е на 81 година и со претходни болести – вели епидемиологот Татјана Станимировиќ од ЦЈЗ Прилеп, посочувајќи дека заразувањето се должи на семејни собири, а пак некои од заразените случајно се откриваат при тестирање заради патување.
Општинскиот кризен штаб побара и апелира за почитување на мерките, од страна на младите, на сопствениците на угостителските објекти, но и на поригорозно казнување за неносење маски. Според градоначалникот Илија Јованоски, кој е и претседател на Кризниот штаб, мора совесноста да се зголеми.
– Упатувам посебен апел до младите и до сопствениците на угостителските објекти, целосно да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, затоа што е забележливо дека последниот период не се почитуваат протоколите. Банките и поголемите маркети да ги засилат редарските служби пред нивните објекти, за да се спречат поголемите групирања кои се евидентни во изминатите денови. Апелирам и до невладините организации поактивно да се вклучат во кампањата за заштита од коронавирусот и целосното почитување на мерките.Градскиот пазар ќе продолжи со работа, ќе има засилена дезинфекција и никој нема да смее да влезе во пазарот без заштитна маска. Полицијата ќе биде сѐ поприсутна и во пазарот и пред поголемите маркети и банките и ќе ја засили казнената политика. Инаку, анализите покажуваат дека само 30 отсто од граѓаните редовно носат заштитни маски, рече Јованоски.
На денешната седница на прилепскиот кризен штаб се дискутирало и за преземање мерки за целосна заштита и безбедност на учениците и наставниот кадар, без оглед на датумот на почеток на школската година и начинот на кој ќе се изведува наставата. Како што истакна градоначалникот Јованоски активно ќе се вклучат училишните одбори и советите на родители за доследно почитување и примена на заштитните мерки, а се пrрават подготвки и за отворањена градинките. Начините на изведување на наставата и работата ќе зависи од секоја општина посебно, а во крајна линија ќе се почитуваат резултатите од анкетирањето на родителите.