Со почитување на сите протоколи, неопходни контроли на телесната температура при влезот, како и со обезбедени хигиено – здравствени предуслови во објектите, започнаа со работа прилепските детски градинки „Наша иднина“. Денеска воспитно образовниот процес го започнаа 135 деца, а веќе од наредниве денови бројот ќе биде поголем.
– Во установата се извршени 3 дезинфекции, дезинсекции и дератизации. Обезбедени сме со сите хигиенски средства, антибактериски сапуни, дезинфекциони бариери. Не треба да се плашат родителите за почекот на учебната година. Овој почеток ние го реализираме со 600 деца, од нив денеска се присутни 135, а за утре се најавени 200 деца, рече Орце Тодоровски, директор на Јавната општинска установа детски градинки „Наша иднина“ Прилеп.
Причина за помалиот број од очекуваните деца на првиот ден, е ненавременото доставување на потребната медицинска документација од страна на родителите: потврда од двајцата родители дека не можат да ја работат работата од дома, потврда доколку станува збор за самохрани родители кои што имаат предност и потребните резултати од брисеви од грло и нос не постари од 3 дена.
Градоначалникот Илија Јованоски, по направената обиколка во прилепските градинки им порача на родителите дека нема простор за загриженост, бидејќи мерките за превенција и заштита во целост се почитуваат.
– Задоволен сум од она што го видов во сите градинки се почитуваат мерките и протоколите на претпазливост што ги препорача Комисијата за заразни болести. На сите им се мери телесна температура. Во детската градинка во Гоце Делчев каде што се подготвува храна ја посетив и кујната, влегувањето таму нормално е со калјачи. Сакам да им порачам на родителите да не бидат загрижени затоа што ги носат децата во градинка, рече Јованоски.
Инаку, во ЈОУДГ „ Наша иднина“ вработени се 180 лица. Според протоколите во јасли најмногу 6 можат да бидат згрижени деца, а во останатите повозрасни групи до максимум 15 деца.