3.4 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Поклон пред ликот и делото на Блаже Конески

Со полагање свежо цвеќе на споменикот пред ЦК „Марко Цепенков“, Прилеп денеска се одбележа 27-годишнината од смртта на кодификаторот на македонскиот литературен јазик, поет, прозаист, литературен историчар, професор на Филозофскиот факултет во Скопје и прв претседател на МАНУ, Блаже Конески.

Пред споменикот на Конески, цвеќе положи градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, членови на Советот на општина Прилеп, претставници на ООУ „Блаже Конески“ и претставници на ОО на СДСМ Прилеп.

Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во с.Небрегово, а починал во Скопје, на 7 декември 1993 година.

Блаже Конески во своето родно Небрегово живеел до својата осма година. Потоа, целото семејство се сели во Прилеп и таму Конески учи основно училиште и нижа гимназија. Виши класови гимназија учи во Крагуевац, а студиите по славистика ги започнува во Белград и ги завршиува во Софија 1944 година. По ослободувањето доаѓа во Скопје и развива богата културна и научна дејност.

Како научник – славист, тој ги прави најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествува во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома).Освен со научна, Конески се занимава со творечка, препејувачка, есеистичка и критичка дејност.

Во 1945 г. се појавува неговото прво поетско дело „Мостот“, со мотив од изградбата на земјата; 1948 г. збирката „Земјата и љубовта“ – песни со патриотски и борбени чувства, карактеристични за првата фаза на повоената македонска поезија; 1953 г. збирката „Песни“, каде се свртува кон себе, кон својата интима. Следуваат збирките: „Везилка“, циклусот „Стерна“, збирката раскази „Лозје“. Ги напишал и збирките песни: „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Цркви“, „Златоврв“, „Сеизмограф“, „Небесна река“ и „Црн овен“.
Конески беше почесен директор на неколку универзитети, а во негова чест, денес Филолошкиот факултет го носи името Блаже Конески.

Би можело да ве интересира

Декларација „Зборот на Конески, гајдата на Пеце“ за здружено делување на две манифестации

Пела Редакција

Зошто викендов треба да го посетите Прилеп?! Три спектакуларни настани: ракометен турнир, детски театарски фестивал, фото изложба …

Елизабета Филипоска

Водата од јавните чешми во 7 села и од две крајпатни чешми не е исправна

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе