Новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ 2 деновиве излезе од печат. Во рубриката Поезија во вториот број на „Стремеж“ за 2020 година се објавени нови песни од Васил Тоциновски, Слободан Беличански, Марина Икономова-Шокева и хаику поезија од Пере Ристески. За љубителите на прозата во рубриката Проза, читателите можат да прочитаат куси прози од Митко Маџунков, Светлана Камџијаш, Ана Стојаноска, триптих раскази од Сашо Димоски и извадок од необјавениот роман „Деса“ на Ивана Трајаноска. „Стремеж“ во вториот број ја промовира поезијата на македонската авторка Мариета Дукиќ во рубриката Нови гласови, а во рубриката Препеви, преводи застапена е поезија од Васко Попа и од Новица Тадиќ во препев на Никола Маџиров, песни од албанскиот поет Ариан Лека во препев на Сашо Огненовски и песни од полската поетеса Кристина Домбровска препеани од полски на македонски од Звонко Димоски.
Во рубриката Критики, есеи, студии Љјерка Тот-Наумова пишува за поетската збирка „Кристален дворец“ на Игор Поп Трајков, објавена е интерпретацијата на прозата „Последната новела“ на Тања Урошевиќ од страна на Елизабета Баковска, рецензијата на Марија Ѓорѓиева Димова за романот „Страв од варвари“ на Петар Андоновски, есејот на Добрила Грашеска за расказите од „Приказни за краткоста“ на Габриела Стојаноска-Станоеска, освртот на Елена Конеска за романот „Свинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски и промотивната реч на Габриела Стојаноска-Станоеска за романот „Каде што реката го бакнува небото“ од Билјана Тинтоска. Драмскиот текст „Спортска му е мајката“- комедија од Сузана Ѓорѓиевска е промовиран во последната рубрика Драма, Театар.
Списанието „Стремеж“ го издава Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со поддршка на Министерството за култура.