Откупот на тутунот по предлог на ресорното министерство ќе се пролонгира до 31 март, со цел да се преземе целокупната реколта ориентален тутун, ова беше еден од заклучоците на средбата одржана денеска, на иницијатива на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, со претставници на тутунопроизводителите и откупувачите на тутун во Скопје. Методологијата за распределба на петте милиони евра помош за тутунарите, предвидени со петтиот пакет антикризни мерки доправа ќе се утврдува.
– Заклучно со утрешниот ден очекуваме да се заокружи 98 % целокупното договорено производство, а после тоа да продолжи и преземањето на вишокот на тутун што е реално најголемиот проблем во оваа сезона. Утре на Влада ќе предложам во законот по брза постапка да се пролонгира рокот, наместо завршетокот на овој месец, до 31 март да биде крајот на откупот на тутун. Со тоа добиваме во време, а исто така да спасиме што е дел од оваа лоша сезона на откупот на тутун. Во Петтиот пакет има предвидено 5 мил. евра, но динамиката и распределбата на средствата ќе се утврдува од како ќе заврши целиот откуп, со цел да им се помогне на тутунарите да се дојде до просечна цена од 180 ден. за кгр, изјави министерот Хоџа по завршување на средбата.
До денеска биле откупени 21 милион кгр по просечна цена од 165, 3 денари од кгр. Најпроблематичен е откупот во Долнини каде се појавува најмногу вишок, а динамиката на преземање на производството е најслаба. Според Игор Мирчески, од Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари, не треба антиковид мерката да биде наменета за покривање до просечната цена.
– Таа цена да биде настрана од просечната цена. Ако мислат дека со загубите од 60 до 90 денари по килограм ќе се надокнади со 10 до 12 денари, напротив, тоа ќе дојде само едно дополнително понижување на тутунарите. Таа помош, им благодариме, но, таа да ја дадат како антиковид мерка, разликата во цената, до 180 – 185 денари треба да си најдат начин и форма како да ја доплатат. Ние денеска им предложме до министерството прелог мерка на кој начин да се обезбедат тие средства од Буџетот, од кои ставки и каде можат тие земат пари и да се распределат, тие би биле некаде од 10 до 12 денари за кгр, рече Игор Мирчески од И.О.
Според Сојузот на земјоделски здруженија, на терен има околу 2,5 милиони кгр вишок за дооткупување, а компаниите покажале подготвеност да ги преземат.