11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

„Еурокомпозит“ – тема на првата официјална средба на францускиот амбасадор Тимоние и градоначалникот Јованоски

„Еурокомпозит 11 Октомври“ меѓу другото беше тема на првата официјална средба меѓу францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и градоначалникот Илија Јованоски. Запознавањето со состојбите во фабриката за наменско производство и можностите за привлекување инвеститори од Франција, во насока на заложбите на македонската Влада за изнаоѓање трајно решение со прилепскиот загубар беа дел од разговорите на кои присуствуваше и францускиот аташе за одбрана.
– Македонската Влада е расположена за зајакнување на соработката со Франција на економски и трговски план, а Прилеп поради својата динамика, треба да си го најде своето место во тие продлабочени односи. Причината поради која што допатував со аташето за одбрана, е посетата на повеќе претпријатија. Од порано се познати проблемите со кои се соочува ‘Еурокомпозит’. Станува збор за претпријатие со традиција што се обидува да најде потенцијални партнери. Станува збор за многу важна работа, но треба самите стопанственици да најдат заеднички јазик за соработка. Она што можам да го кажам е дека, ние навистина ќе направиме сè за добро да ги информираме француските индустријалци и бизнисмени, за нивно евентуално инвестирање во оваа фабрика. Но, за да се постигне тоа, потребно е тие прво да бидат добро информирани, потенцираше амбасадорот Тимоние.
Покрај ова и неколку други теми беа во фокусот на разговорите како што е унапредување на франкофонијата, развој на туризмот и инвестиции во изградба на патна инфраструктура во Мариово, која што ќе ја следи патеката на Солунскиот фронт. Градоначалникот Илија Јованоски ја потврди поддршката на Франкофонијата и изучувањето на францускиот јазик во прилепските училишта.
– Акцентот на денешната средба е воспоставување и унапредување на Франкофонијата во Прилеп и разговорите за Еурокомпозит, како потенцијална можност за нејзино купување од страна на француска компанија. Се надевам дека средбите што денеска ќе ги оствари францускиот амбасадор и со прилепските компании, ќе вродат со плод и дека соработката меѓу двете држави ќе продолжи, истакна градоначалникот Јованоски.

Денешната средба на градоначалникот на Прилеп,Јованоски со амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние, се одржа на иницијатива на француската амбасада. Покрај интересот за Еурокомпозит денеска францускиот амбасадор ги посети и двете прилепски компании Микросам и Кули.

Би можело да ве интересира

Зошто Први Мај се слави како Ден на трудот?!

Елизабета Филипоска

Неисправна вода за пиење во повеќе населени места во прилепско

Гордана Цветаноска

(фото) Боите на Крушево

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе