Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на ЕНЕР го објави текстот на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост. Со овој закон се уредува продажбата на земјоделско земјиште во државна сопственост на начин, постапка и услови согласно со овој закон.
„Почетната цена по метар квадратен во постапка по јавен повик за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост се утврдува во евра во денарска противвредност по среден курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на објавувањето на јавниот повик во зависност од катастарската класа, и таа изнесува:
– 1 евро за земјоделско земјиште за I и II класа,
– 0,50 евра за земјоделско земјиште III и IV катастарска класа и
– 0,20 евра за земјоделско земјиште од V до VIII катастарска класа.
(2) Доколку земјоделското земјиште се наоѓа над 700 метри надморска височина, почетната цена од став (1) на овој член се намалува за 30%.
(3) Доколку предмет на јавен повик е географска целина, се утврдува просечна почетна цена по метар квадратен сразмерно на површината на катастарските парцели со различна катастарска класа кои ја сочинуваат географска целина.
Право на учество на јавниот повик имаат физички лица кои се државјани на Република Северна Македонија и правни лица кои се резиденти на Република Македонија и во кои сопственоста на акциите или уделите во процент од најмалку 51% треба да биде во сопственост на физички лица државјани на Република Северна Македонија или правни лица резиденти на Република Северна Македонија кои не се подружници на странски правни лица.
Правното и физичкото лица треба да е носител или член на земјоделско стопанство кое е запишано во единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Право на учество на јавниот повик немаат лицата кои ги немаат намирено обврските по основ на закупнина по претходно склучени договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Право на учество на јавниот повик немаат лицата кои ги немаат регулирано и намирено обврските по основ на даноци и придонеси од задолжително социјално осигурување.
Право на учество на повикот немаат правни лица за кои е отворена стечајна постапка, како и непрофитните организации.
На јавниот повик не може да се дава заедничка понуда од повеќе лица. Заедничка понуда за купување на земјоделско земјиште во државна сопственост се смета за неважечка“, се пропишува, меѓу другото, во Предлог-законот, кој може да се коментира на следниот линк.