Во рамки на предвидениот законски рок 15 март заврши откупот на тутун од реколтата 2017. Откупот почна на 15 ноември лани. Од регистрираните 9 откупни компании, на терен откуп вршеа 8 претпријатија. На еден правен субјект не му се дозволи вршење откуп на тутун поради необезбедени финансиски средства за исплата на целокупната договорена и откупена количина тутун од тековната реколта.
Од страна на откупните тутунски претпријатија по општини и населени места пријавени се вкупно 146 откупни пунктови, при тоа откупени се вкупно 23.559.122 килограми тутун, со просечна откупна цена од 217,60 денари за килограм. Откупениот тутун е во целост исплатен.
Согласно со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, се воведе нов модел во три нивоа за субвенционирање на тутунот, со што е опфатен и тутунот од реколтата 2017. Односно, субвенцијата за прва класа изнесува 80 денари за килограм, и тоа е првото ниво, за втора класа 70 денари, и третото ниво е 60 денари со субвенција за трета и четврта класа, како и за дополнителните класи. Исплатата на субвенциите според најавите треба да започне од наредниот месец. Воедно наскоро се очекува да се донесе и новиот Закон за тутун и тутунски производи, со кој се укинува поднесувањето на евидентните листови.
следна вест