11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Тутунарите со неколку апели до власта и откупувачите !

Неколку отворени прашања , горливи  теми, беа цел на денешната прес конференција иницирана од Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија. Како што истакна тој, целта е да се укаже на актуелните состојби кои што во моментов се случуваат во земјоделството,  додека примарните производители маки мачат да врзат крај со крај до завршување на реколтата.

– Најпрво би сакал да се задржам на мерката „Зелена нафта“ која што тече од пред неколку дена, сакам да ја поздрав и да кажам дека е добредојдена кај земјоделците. Меѓутоа, од реакциите на голем број земјоделци, сметаме дека таа, односно и сите сметаат дека е задоцнета. Една ваква мерка и’ приличи на почеток на календарската година, а не на самиот крај на реколтата, која што сега знаеме на прагот од септември месец. Она што е уште позначајно, кое што сакавме да го актуелизираме е : Зошто тутунарите и сточарите не се вметнати во оваа мерка? По трет пат се дава оваа мерка, и повторно овие категории на земјоделци, се изземени од неа!Упативме барања и одговори побаравме од надлежните институции, да ни образложат зошто тутунарите се изземени, но до ден – денеска одговор не сме добиле. Апелирам до институциите, до Министерството, до Платежната агенција, под итно да ги вклучат и тутунарите и сточарите во оваа мерка, бидејќи ако не знаете и ние тутунарите, почвата и нивите ги обработуваме со механизација, и ние трошиме нафта за обработка на површините! Исто така важна точка која што сакам да ја споменам е исплатата на „фамозниот пакет“ за тутунарите. Иако знаеме дека овој пакет се изгласа во Собранието уште пред 3 – 4 месеци, односно во месец април и сите сме сведоци, со еден циркус како се донесе, со носење на заразени пратеници и каков театар од сето тоа се направи, сега е септември месец за неколку дена, ние овие пари не сме ги добиле. Зошто, што е причината, бараме одговор од надлежните и бараме веднаш исплата! Се’ онаа исплата која што би одела подоцна, земјоделците, тутунарите, сметаат дека ќе биде предвидена за поткуп за претстојните избори.

Исто така, сакам да напоменам, имајќи го во предвид фактот дека се соочуваме со екстремни суши, во тутунопроизводството, па и во сите култури, но ќе се задржам на тутунопроизводството, од самиот старт на расадување на реколтата,од месец април и мај, се соочивме со недостаток од влага во почвата, расадувањето претрпи штети со 30 отсто. Овие суши продолжија и во текот на целокупната вегетација на тутунот, и родот по нивите е преполовен. Онаму каде што во регионите заврна малку дожд, беа проследени со врнежи од град, каде оштетувањата на терен се и до 80 отсто. Никој од министерствата или подрачните не излезе на терен да изврши проценка да се обесштетат овие земјоделци. Затоа бараме веднаш, од Владата, со мирна совест, на првата наредна седница да прогласи елементарна непогода во државата, ако сака веќе и ако има намера да се грижи за земјоделците – тоа да го стори веднаш, и да излезе во пресрет во оваа катастрофална година! Актуелно е тоа дека родот од оваа реколта ќе биде преполовен, но е многу квалитетен. Што значи дека и целиот род да одите во висока класа нема да ги покрие трошоците кои што ги имаме во оваа реколта кои се зголемени за 30 отсто. Затоа, уште во март апелиравме до Владата, до Министерството, и до откупувачите, да се зголемат цените за оваа реколта, барем за 25% , но до ден денес ниту од Министерството, ниту од Владата ниту од откупувачите сме добиле повратен одговор.

Апелираме да се покачат цените по класи за 30 денари, како би можеле земјоделците во оваа реколта да излезат на една позитивна нула, односно тутунарите во овој случај. Погодени се оние тутунарите во подрачјата каде нема системи за наводнување, меѓутоа и каде што има, тие се вон функција: еве веќе 5 ти ден Прилепското езеро не испорачува вода во системот заради дефект, а тоа се случува неколку пати во оваа реколта. Дали тоа се однесува на немање кадар, или на нестручно водење на системот – не знаеме, меѓутоа, сите тие штети и пролонгирање по 5 – 6 дена во тек на месеците, со немање вода, трпат  само тутунарите и земјоделците, рече Мирчески.

Родот годинава тутунарите очекуваат да  биде преполовен и наместо 150 до 180 кгр по декар единица површина тоа да биде 80 кгр, а во регионите каде што нема наводнување и по 50 кгр од декар.

– Според анализите од терен, реколтата ќе се движи од 15 до 16 милиони кгр, а како што знаете реколтата е ограничена на 22 милиони кгр. Од каде ќе ги најдат овие 5 – 6 мил. кгр откупувачите, не знаеме?! Дали тоа ќе значи увоз, со фамозниот член од Законот, што им дозволува увоз, меѓутоа е факт, дека ќе недостигаат 5 до 6 мил. кгр ориентален тутун, додаде Мирчески.

Би можело да ве интересира

Утре (03.10 2024) без струја ќе бидат жителите од неколку прилепски улици

Пела Редакција

Позитивни резултати од формирање на Првиот Центарот за рехабилитација на жртвите од тортура

Елизабета Филипоска

„Човек – Муза“- едукативна изложба на уметности генерирани од вештачка интелигенција

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе