0.8 C
Прилеп
вторник, 24 декември, 2024
Пела Радио

Плетварските алпинки и фризерскиот предизвик

Да, животната река е брза, непредвидлива и често води кон некои чудни насоки, корита…патеки…непланирани… Но, кога тоа е поврзано со природата, се оди поинаку, или барем промените ги прифаќаме полесно. Таква една приказна доаѓа од Козарската фарма Букоец. Сместена во прегратките на Плетвар, тоа е место вистински дијамант на природата, чии што дарови значат живот.

И се би било согласно животната патека, ако не се работеше за човек познат како еден од најдобрите прилепски еснафи, мајстор на својот занает повеќе од 30 години, човек кого го познаваат според професијата – Сашо Фризерот.

За многумина пред 4 – 5 години кога тој ја започна приказната со козарската фарма просто не беше верно дека ќе отпочне сосема нови предизвици, кои немаат допирна точка со неговиот занает.

 

 

 

Се почна со едно јаре…
– Од секогаш сум ја сакал природата, тоа беше причината поради која изградивме викендичка на Плетвар, каде одгледував Шарпланинци. Таму беше оазата за одмор од градската средина. Имам голема љубов кон животните, на викендицата чував украсни птици, кучиња. Најпрво купив едно јаре, од желба, ете така да шета по дворот. А потоа се прерасна во етнузијазам со прашањето: како да направам некој бизнис што го нема, или е многу редок, но да се искористат даровите во природата. Се роди идеја, моето секојдневно одење таму да ги хранам животните, да го искористам, зашто таму има доволно простор, шума, пасишта кои се над 1000 метри надморска височина. Сакав да направам некој производ здрав, еколошки чиста средина и понатаму органски, вели Сашо.


Идејата за еко бизнис со козарско стадо започнала точно пред 4 години, со купување на 10 јариња и 20 кози, храбар потег за кој практично станал свесен тој и неговото семејство кога малото стадо пристигнало во новата средина.

„ Кога пристигнаа незнаев што со нив!  Што треба да направам со 30 кози? Во главата имав илјада непознаници, па морав да побарам помош од поискусните. Никогаш во животот не сум се грижел за толку животни, а уште повеќе што во тој период тие имаат храна во изобилство, па треба да се молзат…Пробав, но не одеше, па викнав луѓе, па го решив тоа со купување машина – молзница.“

Но, тоа се почетоците, сега фармата брои околу 130 кози и постајано се надополнува, најтешкото помина, вели Сашо, кога се работи нешто со љубов не е проблем.
Стадото е од сортата Алпина, која одговара на климатските услови и надморската висина, а воедно тоа се прилагодливи животни. Природата дала се, Плетвар има идеални услови за одгледување на кози, фармата Букоец обезбедува штала која има капацитет за најмалку двојно зголемување на стадото.

           Има ли проблеми?
„Проблемот е што тешко се наоѓаат помошници за работа. Имам еден човек кој се грижи за стадото од кого сум задоволен. Изминативе години барам барем уште двајца, може и брачен пар кој би живеел таму. Тоа е специфична работа и доколку нема љубов кон животните, човек не може да работи во фармата.“
Потребно е поврзување на сточарите козари, зашто поединечно тешко се пласираат производите. Козарските фарми се бројат на прсти во Македонија, а во прилепско има само неколку. Секој работи исклучиво за себе и производите најчесто се продаваат на пазарите или приватно, трговската мрежа бара стандардни големи количества кои пак така расцепкани козарските фарми тешко дека ќе можат да ги обезбедат.

Зошто козјото млеко е здраво?

„Идејата е да произведуваме продукти исклучиво од козјото млеко зашто е најздравото. Козата не паси ниско по земјата, туку исклучиво брести во висина на нејзиниот врат или повисоко, и тоа чисти тревки, грмушки, кора, се што нема допир со другите животни или човекот. Млекото е многу здраво, го бараат за лек, а може да го замени мајчиното млеко“.
На Козарската фарма Букоец се произведува неколку видови сирење, обично бело сирење, полутврдо, на традиционален начин, а пробно и кашкавал. За производство на еден кгр бело сирење потребни се 7 литри козјо млеко, а за кашкавал потребни се 12 литри млеко. Таков кашкавал, исклучиво од козјо млеко, направен на старски начин, зреен на сонце, а не во печки, кој што бара посебна грижа, би чинел околу 500 денари килограм.
Плановите се оваа еколошка фарма да започне процес за обезбедување сертификат за органско производство, за што се потребни додатни инвестиции во кои треба да се вклучи и регистрација на мандрата за финален производ до продажба, под услов да се обезбеди сигурен пласман.

Сашо Костадиноски е фризер повеќе од 35 години и има намера, многу посериозно да се занимава со фармерството со козите во што ја гледа иднината за мирно пензионирање. И во двата неспоиви бизниси му помага постариот син. Колку ентузијазмот и плановите за производство органски производи од козјо млеко од Козарската фарма Букоец на Плетвар ќе вроди со плод, пресудна ќе биде оваа година, вели тој. Но, може да се насети дека тешко се напушта плетварскиот дијамант, чистиот воздух, тревките и шумата од кои алпинките се најумешните суштества да дадат најздраво млеко, а тој да произведе „совршена храна“ и разни видови сирење и кашкавали со препознатлив плетварски печат.

                     Козјото млеко – совршена храна

Уште од дамнешни времиња, козјото млеко ширум целата планета се употребува не само за исхрана, туку и како помошно средство за лечење на многу болести. Во себе содржи мноштво протеини и богати есенцијални аминокиселини, голем број на витамини, а нема тешко сварливи масти.
Не само што е полесно за варење за разлика од кравјото млеко, туку содржи помалку лактоза, па полесно можат да го поднесат луѓето кои се чувствителни на лактоза. 

Козјото млеко во однос на кравјото во својот состав содржи поголемо ниво на витамини (особено на витаминот Б6), минерали (особено калциум), но и пониско ниво на калории.  Бидејќи оваа намирница е многу блиску до „совршена храна“ и е лесно сварлива, истата е погодна за исхрана на бебињата непосредно кога ќе престанат со цицање. Исто така, она што го прави козјото млеко одлична намирница за бебињата и за децата е тоа што не содржи одреден вид на протеини кои често предизвикуваат алергиска реакција кај децата. Сурутката, козјото сирење и јогуртот се најмоќните природни средства за зајакнување на имунитетот.

  •   Истражувањето објавено во магазинот International Journal of Food Science Nutrition покажа дека на молекуларно ниво козјото млеко е слично со човековото.
  • Во традиционалната медицина се користи за лекување на хиперлипопротеинемија, срцеви болести, фиброзни цисти, болсти на жолчката и жолчни камења.
  • Со оглед на тоа дека козите ги јадат само корите од билките, нивното млеко е богато и со силициум, минерал кој позитивно влијае на кожата, косата, ноктите и нервниот систем.
  • Сурутката, козјото сирење и јогуртот се најмоќните природни средства за зајакнување на имунитетот.Значителни се за обнова и изградба на коските, ја подобруваат работата на дигестивниот тракт, се препорачуваат како превенција и терапија за лицата со заболен црн дроб, остеопороза, зголемен холестерол и крвен притисок, воспалителни процеси, како и за подобрување на работата на бубрезите.
  • Козјото млеко е преполно со калциум и фосфор, кои се важни за цврстината на коските, како и цинк и селен, силни антиоксиданси кои го одржуваат имунолошкиот систем. Бројни научници го препорачуваат козјото млеко на луѓето кои страдаат од анемија предизвикана од недостаток на железо.
  • Ова млеко е богат извор на биоразградлив калциум, железо, фосфор и магнезиум и ги содржи во поголеми концентрации од кравјото млеко. Исто така, содржи и околу 40 проценти помалку цитрати во однос на кравјото млеко.
  • Во себе содржи мноштво протеини богати со важни аминокиселини, широка лепеза на витамини и нема тешко сварливи масти. Бидејќи содржи помалку лактоза, полесно се вари од кравјото млеко.

Би можело да ве интересира

На 1 -ви август без струја неколку прилепски улици

Не гори куќата, душата гори, со се’ што сме имале во неа! (ВИДЕО – ФОТО)

Гордана Цветаноска

Полициска хроника: Фатен крадец, ограбувал во фирма…

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе