Во организација на ветераните на ВМРО ДПМНЕ и Патриотскиот институт на ВМРО ДПМНЕ „Гоце Делчев“ денеска пред затворот во Прилеп се одржа „Протест за слобода на уставобранителите“. Пред присутните се обратија Илија Димоски членот на претседателството на Унијата на ветерани на ВМРО ДПМНЕ и првиот градоначалник на општина Прилеп во независна Македонија, Мане Јаковлевски, претседател на Унија на Ветерани и Александар Пандов, претседател на Патриотски Институт. „Не можат да се осудат како терористи луѓе кои што си ја сакаат својата држава“ посочи Димоски и рече дека тие ќе бидат ослободени, правејќи паралела со припадниците на Шарената револуција.
На денешниот протест Јаковлевски повика осудените под итно да се ослободат и додаде дека тие и нивните фамилии бараат враќање на случајот од почеток.
„Под итно да се обнови делото бараат уставобранителите, фамилиите на уставобранителите, Унија на ветерани, Патриотскиот институт, Унија на млади сили, Унија на жени и конечно целиот македонски народ бараат под итно да се ослободат”, рече Јаковлевски.
Тој додаде дека злосторничка дружина како што тој ја вика, која што се нарекува партија СДСМ, ги награди сите кои што учествуваа во злосторничкото здружение да ги осудат нашите браќа родољуби, истите тие кои што ги однесоа да бидат затворени и осудени денес се на високи позиции во институциите, како на пример претседателката која што го води Уставниот суд која што беше главниот виновник да ги обвини и главниот човек, жена што придонесе да добијат такви високи драконски казни.
„Наши патриоти и родољуби се во затвор само и само затоа што си ја сакаа Македонија“ истакна Пандов и на тој 27 април пред 5 години влегоа да си го бранат Уставот и она што е најсвето – својата татковина Македонија“, потенцираше Пандов, кој што ја прочита „Декларацијата за правда и слобода за политичките осуденици“ создадена од Унијата на ветерани на ВМРО ДПМНЕ и Патриотскиот институт „Гоце Делчев“.