7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Крстески: ЈКП Пазари нема обврска за одржување на редот и хигиената надвор од Градскиот пазар

По неколку денови од одржаните протести на дел од закупците на тезги во Градскиот пазар, со кој што продавачите го изразија својот револт поради нелојалната конкуренција од продавачите со камиони кои работат на повеќе локации во Прилеп, денеска преку соопштение реагираше Игорче Крстески, вд директор на ЈКП Пазари Прилеп. Крстески посочува дека бил одржан состанок со Николче Трајкоски, претседател на здружението на пазарџии „Пазари“ , на кој што биле донесени следните заклучоци:

„Во поглед на барањето на пазарџиите за преземање на активности од страна на редарската служба на ЈКП Пазари за воспоставување на ред и отстранување на дивите продавачи околу катната гаража во непосредна близина на пазарот, беа известени дека, редарската служба нема надлежност за воспоставување на ред надвор од рамките на подрачјето на пазарот.

ЈКП Пазари ги има известено сите надлежни институции кои можат да помогнат за надминување на проблемот на дивите продавачи.

Ние сме свесни дека производителите на раноградинарски производи кои идат од другите градови директно влијаат врз продажната цена на тие производи, односно придонесуваат за драстично намалување на нивната продажна цена, во однос на продажната цена на трговците членови на здружението „Пазари“, но тоа е и суштината на пазарната економија. Во никој случај ниту еден производител или трговец, независно од кој дел на Македонија доаѓа и ги пласира своите производи на пазарот во Прилеп, нема да биде на било каков начин оневозможен да си ги извршува своите економски активности загарантирани со Уставот на Република Македонија. Дури и спротивно на тоа, нашата цел е да привлечеме што е можно повеќе индивидуални земјоделски производители на нашиот пазар, и да го вратиме некогашниот сјај на нашиот пазар како најголем регионален пазар.

Со оглед на фактот дека во Прилеп не постои пазар за продажба на големо на земјоделски производи, директорот на ЈКП Пазари, максимално ќе се заложи во наредниот период да се обезбеди место во градот каде ќе бидат сместени производителите и трговците на големо. Зголемувањето на понудата на земјоделски производи и успешно задоволување на потребите на граѓаните на Прилеп е основната цел на нашето постоење како фирма.

Во поглед на забелешката за непочитување на делови од Договорите за издавање – закуп на продажно место, што ги потпишуваат закупувачите на тезги од една страна и ЈКП Пазари како закуподавач, утврдено е дека издавањето на продажни места се врши исклучиво на лица пропишани со Закон. Индивидуалните земјоделци немаат обврска да отвораат фирми, и врз основа на Решение за регистрација на даночен обврзник (земјоделска дејност), и тие како и трговците од здружението „Пазари“ кои имаат отворено свои фирми, имаат право да закупат тезга. За деловните активности што индивидуалните земјоделци ги обавуваат како и секој трговец, ги подмируваат своите законските даночни обврски, стои во соопштението.

Крстески, нагласува дека  ЈКП Пазари нема обврска за одржување на редот и хигиената надвор од просторот на Пазарот  и дека во ЈКП Пазари и во иднина ќе настојува да им излезе во пресрет на сите заинтересирани правни и физички лица кои сакаат да закупат тезга и да ги продаваат своите производи на пазарот во централното градско подрачје или на дисперзираните пазари во населбите Точила и Марино маало.

 

Би можело да ве интересира

Утре (среда) без струја центарот на Прилеп и с.Врбоец

Елизабета Филипоска

Колку граѓаните учествуваат во креирањето на општинските буџети во Крушево, Прилеп и Кривогаштани?

Што ги поврзува Победа и Велигден?

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе