11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Пачешкоски: Вакво незнаење да се менаџираат општествените процеси и животот во општината, Прилеп и прилепчани не паметат!

Прес конференција денеска одржа претседателот на ОО на СДСМ Прилеп Зоран Пачешкоски, на кој тој посочи низа обвинувања на име на градоначалникот Борче Јовчески и локалната власт во Прилеп. Ја пренесуваме во целост:

„Десетмесечното практикување на градоначалничката функција од страна на Борче Јовчески, е најдобра потврда на максимата дека големите очекувања носат големи разочарувања. Големите очекувања на граѓаните на општина Прилеп се засноваа на уште поголемите ветувања на Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ. Нецела година после изборите, вистината излезе на виделина: се’ било една голема лага!

Бесрамна лага беше ветувањето на Борче Јовчески дека учениците до четврто одделение ќе добијат бесплатен оброк, исто како што ги излажа децата од социјално загрозените семејства дека ќе им обезбеди бесплатни училишни униформи. Една школска година помина, втората е на праг. Од ветените униформи и бесплатниот оброк – ни трага ни глас. Трите кружни текови, двете катни гаражи и бесплатниот градски превоз за  пензионерите со минимална пензија, требаше да значат инвестиции за средување на сообраќајниот метеж во градот. Немајќи знаење да ги реализира напамет пишаните проекти, градоначалникот Јовчески смисли „генијално“ решение – ја зголеми цената на паркинг услугите. Не само што нема асфалтирање на нови улици, туку неспособноста на Јовчески оди дотаму што не може да ги заврши ниту оние кои ги започна претходниот градоначалник. Впрочем, фактот дека се пробиени сите рокови за завршување на реконструкцијата на плоштадот, на потегот од споменикот на Пеце Атанасоски до ООУ „Кочо Рацин“, е најдобра потврда на кажаното. За револтот на дуќанџиите од овој дел на градот, чиј промет е драстично опаднат заради отежнатиот пристап до нивните објекти, најдобро ќе ви кажат самите тие.

Во категоријата „лаги“ спаѓаат ветувањата на Јовчески за изградба на велосипедски патеки, канализациски мрежи во населените места, реконструкција на плоштадот „Александрија“ и плоштадот пред „Марко Цепенков“, намалување на сметките за вода, засадување 2.000 садници на годишно ниво, инфраструктурно уредување на индустриските зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“. Мртво слово на хартија остана изработката на детални урбанистички планови за 30 населени места, а наместо најавеното стопирање за градењето дивоградби, пред очите на градоначалникот во строгиот центар на градот никна „див“ објект. Борче Јовчески, актуелниот градоначалник на Прилеп, лажеше и кога ветуваше поддршка за прилепскиот спорт, со посебен нагласок на фудбалскиот клуб „Победа“ и ракометниот клуб „Прилеп“.

Што да се речи за неумеењето да се искористат државни пари за реализација на општински проекти? Како да се објасни фактот дека заради неговата неспособност не е почната реконструкцијата на крушевско џаде, односно улицата „Леце Котески“ и изградбата на водоводот за манастирот „Трескавец“, за кои државата обезбеди значителни средства?
Сепак, ќе бидеме неправедни ако не кажеме дека Борче Јовчески успеа нешто и да направи за време на неговото десетмесечно раководење со општината. Нешто кое не го вети и кое не го пишува во изборната програма. Негово врвно остварување, е што за директор на „Водовод и канализација“ го постави својот другар Игор Гулабоски. Истовремено, во насока на зајакнување на капацитетите на општинската администрација беше и именувањето на Маја Костадиноска, медицинската сестра од приватната амбуланта на Јовчески, за шефица на неговиот Кабинет. Исто така, не смееме да му ја оспориме заслугата што во изминатите 10 месеци процвета непотизмот, што повеќемина функционери на ДПМНЕ и нивни блиски роднини бираат работни места, се шетаат од една во друга институција, а во време на економска криза директорите на јавните претпријатија си ги зголемуваат платите за 20.000 денари. Ваквото недомакинско и расипничко раководење со јавните претпријатија , сигурно ќе доведе до покачување на цените на услугите, кои ке удрат директно по џебот на прилепчани.

Почитувани граѓани,

После сето она кое го споменавме, после сето она кое во изминатите 10 месеци го доживеавме и преживеавме, без никаква дилема можеме да кажеме дека вакво незнаење да се менаџираат општествените процеси и животот во општината, Прилеп и прилепчани не паметат.

Градоначалникот Борче Јовчески е најголемото политичко промаршување, чија неспособност ќе остави тешки последици по животот на прилепчани и развојот на градот.

Токму заради тоа, воопшто не е случајно што веќе сега Јовчески е прогласен за најнеспособниот градоначалник во историјата на Прилеп и што за рекордно кратко време ја изгуби поддршката и довербата како на партијата која го кандидираше, уште повеќе на граѓаните на нашата општина, рече Пачешкоски на денешната прес конференција. 

Би можело да ве интересира

Левица отвори локален клуб во Прилеп

Мицкоски: Ова се избори на кои народот ќе си ја врати државата

Пела Редакција

Проданоски: Колку мисли Илија Јованоски да ја задолжи Општината?

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе