Заедно со уште 8 други општини, Општина Новаци го доби признанието ELOGE од Советот на Европа. Признанието претставува всушност ознака за извонредност во управувањето и исполнување на 12 начела на добро демократско управување на Советот на Европа.
,,Голема е честа да го добијам ова признание како градоначалник на единствената рурална општина во Македонија која го исполни овој европски стандард. На овај кристален додекаедрон се изгравирани 12 те начела на добро демократско владеење и управување кои Општина Новаци ги исполна со своето работење и тоа ќе се подобрува и надоградува во иднина” рече градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски.
На денешната церемонија на доделување на наградата свое обраќање имаше министерот за локална самоуправа на Македонија и Косово, Ристо Пенов и Елберт Красниќи, Ориано Оточан претседател на АЛДА, Антонела Валморбида генерален секретар на АЛДА и Најл Ширин од Центарот за експертиза за реформа на локалната самоуправа од Советот на Европа.
Ознаката ELOGE ја добија 9 општини од државата: Куманово, Битола, Новаци, Штип, Виница, Берово, Неготино, Аеродром и Радовиш, 3 општини од Хрватска и 6 општини од Косово, кои учествуваа во проектот и успешно го спроведоа процесот на самооценување на нивната работа, при што покажале високо ниво на усогласеност со 12-те начела за добро демократско управување на Советот на Европа.
„Европската ознака за извонредност на управувањето“ е воспоставена од Советот на Европа, а почнувајќи од 2021 година, АЛДА e акредитирана организација да го спроведува проектот во Македонија, Хрватска и Косово.