3.4 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Институциите може да обезбедат средства со инвестирање во сопствени капацитети за производство на електрична енергија

Анализата на алтернативи за централното греење базирано на јаглен за битолскиот Регион, нуди ефикасно решение за индивидуално и колективно загревање на домовите преку искористување на обновливи извори на енергија, односно поврзување на фотоволтаични системи со инвертер клима уреди.  

На 30 ноември 2022 година Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ и мрежата CEE Bankwatch Network, организираа тркалезна маса со претставници на советот на Општина Битола и Фондот за финансирање на зелена економија – GEFF со цел презентирање на наодите од анализата. 

Асистент д-р Вања Џинлев, кој е и автор на анализата, ја презентираше „Анализата на алтернативи за централно греење базирано на јаглен за Битолскиот Регион“. Согласно технолошко-економска анализа на Џинлев во оваа студија, тој го претстави решението – комбинацијата од инвертер клима уреди со фотоволтаични ситеми, како најисплатлива и најефикасна опција за загревање на битолските домаќинства. Дополнителен фокус беше даден и на енергетските заедници, со посебен осврт кон формирање на општинска енергетска заедница која со искористување на објектите под надлежност на Општината за инсталирање фотоволтаични системи може да ги задоволи своите потреби за греење и електрична енергија, но и да продава вишок на произведена енергија назад во мрежата. 

 Наодите покажуваат дека според сегашните услови во земјава, институциите можат да обезбедат долгорочен прилив на средства при продажба на вишоците на електрична енергија, обезбедени преку инвестирање во сопствени капацитети за производство на електрична енергија. При формирање на општински енергетски заедници и поврзување на различни објекти под општинско управување, периодот за поврат на средствата во комбинираниот систем не надминува 10 години, со што општините би ја зголемиле својата финансиска независност од централната власт, и би можеле да ги зголемат инвестициите во јавните добра“ – изјави Џинлев, потенцирајќи дека овој систем е најсоодветен за државните и јавните институции со оглед на нивното работно време. 

На настанот се обрати и Наташа Ковачевиќ, координатор за централно греење за Западен Балкан во CEE Bankwatch Network и изјави „Станува збор за долгорочна инвестиција, која може да трае и до 15 години, но со добар оперативен тим кој би бил составен од јавните и приватните институции кои заеднички би работеле на проектот во секоја фаза, овој систем би бил возможен“, потенцирајќи дека мора да постои неповратна финансиска помош од државата и донаторите за изградба на вакви системи.  

„Ековест“ и CEE Bankwatch мрежата, неодамна овозможија резлизирање на студиска посета на претставници од Општина Битола и Кочани во Данска и Шведска,  со цел локалните власти директно да се уверат дека системите за греење преку обновливи извори на енергија, се возможна, неопходна и долгорочна инвестиција. Посетителите на студиската посета се согласија дека презентираното е реална и потребна инвестиција и кај нас. 

Тркалезната маса ја даде потребната платформа за размена на мислења и дискусија околу предлозите. Како следна активност, Општина Битола ќе ги вклучи претставените решенија за централно греење во својата програма за работа за 2023 година со што ќе овозможи практична примена на овој важен проект. 

Би можело да ве интересира

Невладината ЦГИ донираше 34 таблет компјутери за учениците од Прилеп и Долнени

Гордана Цветаноска

Карневалска песна „Немам корен“ и се е подготвено за „Прочка 2019“

Елизабета Филипоска

Запалил сува трева и предизвикал пожар, полицијата го приведе

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе